Мицкоски се сретна со сопственикот на „Костал“


Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и иден мандатар за составување на новата влада, денеска на маргините на Самитот Македонија 2025 се сретна со Андреас Костал, претседател на Управниот одбор и сопственик на „Костал Групацијата“.

Мицкоски денес попладнево има најавено обраќање пред учесниците на Самитот што се одржува денес и вчера во Скопје, но надвор од агендата имаше и средба со сопственикот на една од најголемите инвестиции во нашата држава, која има фабрика за производство на автомобилска електроника во Охрид.

Инаку, Андреас Костал, во рамки на Самитот денеска учествуваше на еден од панелите на тема Предизвици и можности во автомобилската индустрија, при што меѓу другото порача дека транспарентноста, предвидливоста во носењето на регулативата, но и обучените кадри и образованието се меѓу клучните фактори што можат да придонесат државата да привлече странски инвеститори.

Андреас Костал, сосптвеник на групацијата „Костал“

„И ве молам, завршете го автопатот до Охрид“, во шега поентираше сопственикот на „Костал“.

Тој исто така нагласи дека успешноста на неговата компанија се темели на посветеноста и на постојаниот фокус кон технолошките иновации.

Вчера во Охрид, пак, високиот гостин од Германија се сретна и со претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески. 

Како што соопштија од Стопанската комора, раководството на „Костал“ на средбата беше предводено од Андреас Костал, претседател на Управниот одбор и сопственик на „Костал Групацијата“ и Хансјорг Херман, извршен оперативен глобален директор и претседател на „Костал Европа“.

На средбата, раководството на „Костал“ изрази благодарност до раководството на Стопанската комора за поддршката што ја добива во однос на своите активности и операции во земјата. Тие информираа дека моменталните економски трендови во Германија и во автомобилската индустрија се проблематични и неизвесни што влијае врз нивната инвестициска активност. Меѓутоа нивната оценка е дека во наредниот период ќе дојде до зголемување на предвидливоста, подобрување кај клучните проблеми на работењето, како што се побарувачката и цената на суровините.

Од Кабнитетот на претседателот на Стопанската комора соопштија дека во однос на конкретната соработка и услугите во земјава нивните видувања се идентични во последните неколку години и се сконцентрирани на состојбите со работната сила, функционирањето на правната држава и имплементацијата на договорените работи со Владата на Северна Македонија.

На средбата со претседателот на Комората, од раководството на „Костал“ уште еднаш ја потенцираа долгогодишната соработка и нивната намера да останат на македонскиот пазар и да продолжат со своите инвестициски активности, а работењето на менаџерскиот тим на „Костал“- Македонија го оценија како многу професионално, стручно, во согласност со времето во кое живееме.

Групацијата „Костал“ е германска семејна компанија која глобално вработува повеќе од 21.000 вработени на пет континента ширум светот.

Во Охрид, „Костал“ е присутна од 2016 година и е една од најбрзорастечките странски инвестиции присутни во Републиката.

Во моментот фабриката во Охрид брои 1.050 посветени вработени, сите професионалци во својот домен на работа.