Мицкоски се слушнал со Радев: Ситуацијата е хаотична и конфузна


Румен Радев и Христијан Мицкоски

 

Премиерот Христијан Мицкоски по парламентарните избори во Бугарија се слушнал со Румен Радев и му ја честитал победата и се заложил за дијалог и добрососедски односи. Но ситуацијата, според него, била хаотична и конфузна за да се надмине ќор-сокакот во евроинтеграцијата.

„Ние нудиме креативни решенија континуирано овие две години откако сме Влада. Континуирано бараме средби, разговараме со нашите партнери во Брисел. Ние сме во една дилема, бидејќи кога ќе побараме преку нашите партнери во Брисел билатерална средба, тие велат нема што преку Брисел, треба директно да разговараме. Кога велиме, ајде директно да разговараме, тие велат ова е европски предлог. Една хаотична конфузна состојба“, рече тој во гостувањето во Дневникот на Сител.

И ги повтори познатите работи дека „ние прво дома треба да си ја завршиме нашата домашна задача. Кога велам нашата домашна задача, да си ги направиме реформите кои се поврзани со реформската агенда, да направиме Македонија да биде подобро место за живеење. И во тој смисол очекувам во извештајот на Европската комисија да биде забележано дека имаме исклучително голем напредок во испораката. Тоа зависи од нас и не зависи од никој друг“, истакна Мицкоски.

Тој рече дека е неопходна работа на полето на реформите, наместо коленичење и потпишување на бели листови хартија.

„Ако мислиме дека по линија на помал отпор ќе поминеме со тоа што ќе бидеме снисходливи, ќе коленичиме, ќе потпишуваме бели листови хартија, така далеку нема да стигнеме. Знам дека е тешко, проблеми има многу, знам дека трпението е сѐ помало, знам дека и граѓаните се нестрпливи, логично е, поминати се децении, за жал поминати се многу политички елити кои што своите политички мандати ги завршуваа со многу сомнежи за криминал, неуспех, но суштината е проблемите да се решаваат, да не се создаваат нови“ рече Мицкоски и додаде дека „тоа што го направи претходната влада преставува историски најголемата капитулација која што некогаш некој можеше да ја направи за македонскиот народ“.