Мицкоски се извини за поддршката за Данела Арсовскa, таа му врати: Мицкоски несреќо!


Фото: Б. Грданоски

Премиерот најави дека ќе има одговорност за хаосот со ѓубрето и дека процесот што се води ќе има „име и презиме“, но сето тоа по избори. Можеби уште истиот ден (за72 часа Скопје ќе биде исчистено), но сепак по избори.

Мицкоски вели дека чувствува одговорност што на минатите локални избори ја поддржал актуелната скопска градоначалничка Данела Арсовска, како одговор на новинарско прашање за тоа дали се чувствува одговорен за хаосот со ѓубрето во Скопје, таа веднаш му врати со: Мицкоски несреќо… ако сакаше да има одговорност, требаше твоите советници да дадат оставка, за да сега ти заедно со нив  не си директно одговорен за хаосот во Скопје.

Прашањето за премиерот денеска гласеше „дали се случува одговорен за екоцидот што му се случува на градот“, но тој не даде одговор. Туку наместо тоа повика „невладините организации да поднесат кривична пријава против него“ бидејќи, како што рече, согласно кривичниот законик екоцид е кривично дело.

На новинарска забелешка оти градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески, веќе најави кривична пријава за „Комунална хигиена“ за загрозување на животната средина согласно член 218 од Кривичниот законик, Мицкоски ја повика и новинарката да поднесе кривична пријава.

„Бидејќи вие лоцирате дека јас сум одговорен за овој екоцид ве молам веднаш да поднесете кривична пријава затоа што ако не поднесете кривична пријава тогаш ќе сметам дека е ова шпекулација“, рече Мицкоски.

Тој вели дека грешката што ја направил со поддршката за Данела Арсовска нема да ја повтори, а во одговорот нагласи дека на локалните избори, закажани за 19 октомври, уште во првиот круг ќе победи нивниот кандидат Орце Ѓорѓиевски.

„Чувствувам одговорност што тогаш ја поддржав независната кандидатка. Да, чувствувам. И сум се извинил најмалку 10 пати. И еве повторно ќе кажам, се извинувам што тогаш застанав зад независниот кандидат Данела Арсовска. Затоа, таа грешка нема да ја повториме. На следните избори ќе победи Орце Ѓорѓиевски уште во првиот круг и како што самиот се обврза пред скопјани во првите 72 часа ќе ги засука ракавите и ќе го исчисти од смет градот“, изјави Мицкоски.

Се наврати и на претходниот случај кога градоначалниците од скопските општини се обидоа да се самоорганизираат за чистење на градот, но тогаш беа спречени од раководството на депонијата „Дрисла“, при што дури добија и кривични пријави.

Премиерот најави дека ќе има одговорност за хаосот со ѓубрето и дека процесот што се води ќе има „име и презиме“.

Мицкоски беше прашан и дали Министерството за внатрешни работи спроведува истрага во „Комунална хигиена“ за да се утврди зошто камионите не излегуваат на терен.

„Ние не правиме естрада од ништо, водиме политика што е многу внимателна, процесите што се водат имаат одговорност и на крајот тој процес мора да има име и презиме. Бидете сигурни дека ќе има одговорност и ќе има име и презиме“,

додаде Мицкоски.

Подоцна, градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, му се обрати на премиерот:

„Мицкоски несреќо, јас завршувам со борбата во која твојот претседател на совет на Град Скопје и твоите советници 4 години го блокираа и урнисаа градот:
-не гласаа за нови автобуси,
-не гласаа за бесплатен превоз,
-не дозволија да се набави нова механизација за да се чисти ѓубрето,
-не гласаа ништо во интерес на граѓаните за да биде задоволена твојата суета.
Ни за вработување на нови пожарникари, ни за нови противпожарни возила им кажа да не гласаат!
Ако сакаше да има одговорност, требаше твоите советници да дадат оставка, за да сега ти заедно со нив не си директно одговорен за хаосот во Скопје.
Еве сега и јас им се извинувам на граѓаните што сум мислела дека си чесен, професор и интелектуалец, не знаејќи што навистина си.
Администрација во град Скопје јас не ја донесов, работев со луѓе кои се професионални, вредни и го сакаат градот за разлика од вас, тоа се луѓе кои вие и таквите како вас ги вработиле во изминатите 30 години.
И за крај, ти и твојата администрација имате одговорност затоа што
– над 60 деца без вина ви настрадаа во Кочани и ништо не превземате
– ви изгоре пола држава за да си прави некој простор за фотоволтаици
– ви изгоре отпад во Трубарево еко катастрофа пред очите на сите твои институции кои не реагираат
– убиства ви се случуваат пред очи секој ден
– убиваат жени кои тебе и твојот министер Тошковски во очај ве молеле за помош
А одговорност за над 150 небезбедни нелегални дивоградби висококатници кои секој момент може да се срушат во Чаир ќе има ли? Оди скриј се и молчи!
 Отпадот ќе се исчисти за една недела бидејќи тебе ќе ти треба успешен градоначалник, фирмичките приватни ви се подготвени за акција, ама животите и здравјето на невините за кои си ти одговорен нема да ти ја исчистат совеста!
П.С Луке брзо смислувај нов постер за Мицкоски да дефокусира, глуми жртва и бега од новинарски прашања!