Мицкоски одмолчи што ќе прави со договорите со Грција и Бугарија


Во телевизискиот дуел со Зоран Заев, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ речиси не го спомена Преспанскиот договор; неговата влада ќе го бранела Гоце Делчев и македонскиот јазик, но не кажа конкретно што би правел со Договорот со Бугарија

 

Без да одговори директно што ќе прави со Преспанскиот договор и Договорот за добрососедство со Бугарија доколку ВМРО-ДПМНЕ дојде на власт, лидерот на партијата Христијан Мицкоски вечерва на дуелот на ТВ-24, даваше објаснувања за исправувања на „капитулациите и грешките“.

Претседателот на СДСМ и архитект на двата договори, Зоран Заев, ги бранеше како едни од најголемите достигнувања во поновата историја на Македонија, со кои се решиле проблемите и несогласувањата со нашите два соседи.

„Македонскиот јазик и народ е признаен од целиот свет. Договорот со Бугарија е потпишан на македонски јазик и нашето крилично писмо. Тоа е завршена работа“, рече Заев и му постави прашње на Мицкоски:

„Треба конкретно да каже – ќе го поништи ли Препанскиот договор, ќе го поништи ли договорот со Бугарија и дали со тоа ќе го поништи нашиот влез во НАТО и одлуката за почеток на преговори со ЕУ“.

Мицкоски потоа повеќе зборуваше за  политичките ставови во Бугарија, кои доаѓаат од претставници на нивната сестринска партија ГЕРБ, отколку што навистина ќе направи владата што би ја предводел тој. „Сега се наоѓаме во многу катастрофична ситуација кога преговараме со источниот сосед за нашиот јазик. Преговараме за јунаците од нашата историја. Како да преговараме за Гоце Делчев? Ние ќе ги исправиме вашите капитулации и грешки“, рече Мицкоски, но не даде одговор како тоа ќе го направи неговата влада.

Забележливо беше дека во дебатата околу надворешната политика тој само бегло го спомена Преспанскиот договор и можноста за негово ревидирање или поништување (на власт во Грција сега е уште една сестринска партија на ВМРО-ДПМНЕ, Нова демократија), туку повеќе настојуваше на договорот со Бугарија да му даде една национална, патриотска и популистичка нотка, веројатно очекувајќи дека со тоа може да привлече дел од оние гласови кои на таа тема се вратат кон десничарските партии кои се многу подесно од ВМРО-ДПМНЕ. Тој уште изјави дека неговата влада нема да ја напушти работата на македонско-бугарската историска комисија, но дека таа ќе треба да се „занимава со факти“. Мицкоски речиси воопшто не го спомена влезот во НАТО и одлуката за почеток за преговори со ЕУ.

И двајцата имаа сличен став околу идејата на ДУИ за премиер Албанец. Заев го повтори ставот од последниве десетина дена – дека нема да дозволи ДУИ да го уценува СДСМ и дека е можно да разговара со партијата на Али Ахмети по изборите само ако се откаже од „уценувачкиот услов“.

„Граѓаните се тие кои одлучуваат кој ќе биде идниот премиер. СДСМ ќе има најголем број пратеници, можеби да стигнеме и до 60 и повеќе. Уцената дека ДУИ ќе влезе во влада со таков услов не смееме да ја дозволиме“.

Слична беше и реториката на Мицкоски, кој не е кандидат за пратеник, туку единствено кандидат за премиер и секако не би сакал да ја отстапи таа позиција во случај на победа на неговата партија.

Во една чудна размена на ставови, Заев му порача на Мицкоски дека би бил подготвен да му отстапи пратеници за да формира малцинска влада.

„Јас сум подготвен да му отстапам 13 пратеници на Мицкоски за да формира малнинска влада или ќе барам од него да отстапи шест пратеници за ние да формираме малцинска влада. Никој не смее да преговара под уцени“, рече неочекувано Заев, имплицирајќи дека неговите изборни прогнози се дека СДСМ ќе освои 55, а ВМРО-ДПМНЕ 48 пратеници.

На тоа се надоврза Мицкоски со своја математика, велејќи дека ним ќе им требаат само неколкумина пратеници за да имаат мнозинство и рече дека „постојат луѓе во Коалицијата ‘Можеме’ кои евентуално во иднина ќе ги поддржуваат политиките на ВМРО-ДПМНЕ“. (Н.В.)