Мицкоски очекува растот во третиот и четвртиот квартал да биде над 3 отсто


Премиерот Христијан Мицкоски очекува економскиот раст во второто полугодие од годинава да биде над три отсто. Тој, коментирајќи ги прогнозите на Светска банка дека Македонија годинава ќе има раст од само 1,8 отсто, најнизок меѓу земјите од Западен Балкан, рече дека во втоарата половина од говината очекува забрзување на стопанската динамика што ќе се рефлектира и на зголемен економски раст.

„Порастот на БДП, согласно сегашните параметри, очекувам да биде меѓу прогнозите на ММФ и Светска банка или еден од подобрите во регионот или Европа, но да го почекаме декември кога излегуваат бројките за третиот квартал. Сепак, очекувам во третиот и четвртиот квартал растот да биде над три отсто со оглед на забрзаната динамика на капиталните инестиции“, рече Мицкоски, во одговор на новинарско прашање по поставувањето камен-темелник на новото основно училиште „Крсте Мисирков“ во скопската населба Ченто.

Тој се осврна и на состојбите во индустријата кај нас, нагласувајќи дека последниве два месеца од доаѓањето на новата Влада, бројките се многу подобри.

„Индустриското производство просечно во вториот квартал паѓаше со 7 проценти. Просечно во првите два месеци од третиот квартал за којшто имаме досега обработени податоци, тоа се јули и август месец расте со 1,1 процент или во нето просечно е повисоко 8,1 проценти споредено со вториот квартал. Односно, во месец јули порасна за 3,8 проценти, а во месец август падна за 1,6 или во просек кога ќе се земе расте за 1,1 процент, додека пак, преработувачката индустрија и во првиот месец од третиот квартал јули и во вториот месец од третиот квартал август расте, во јули за 3,8 проценти, а во август мислам дека беше 1,1 процент, но треба тоа да го провериме. Извозот во август споредено со август минатата година е поголем за 12,2 процента, а увозот е помал за 1,6 проценти, така што не би се сложил дека извозот паѓа. Јас сега зборувам откако е оваа Влада, не зборувам за претходната“, истакна премиерот.

Ефектите од економската ситуација во Германија која, според премиерот, не е охрабрувачка, кај нас ќе се почувствуваат, како што рече, веројатно кон крајот на првиот и почетокот на вториот квартал идната година.