Мицкоски очекува растот на БДП годинава да изнесува 3,5 – 4 отсто


 

Премиерот Христијан Мицкоски очекува растот на БДП да продолжи и да изнесува помеѓу 3,5 и 4 отсто. Како што изјави денеска, Владата во овој период се задолжува за да врати стари долгови.

– Сите задолжувања се за проекти како овој, за враќање стари долгови, еврообврзници. Оваа година имаме еврообврзница од 700 милиони, следната година од 500 милиони, 2028-ма повторно 700 милиони, имаме камати и буџетски дефицит за реализирање капитални инвестиции и тоа се тековни расходи. Но, важно е дека имаме една од најниските инфлации во Европа, раст на БДП, на индустриското производство кое вчера го објави Државниот завод за статистика и тоа е еден од ретките примери во Европа, истакна Мицкоски, одговорајќи на новинарски прашања по промоцијата на Градскиот воз.

Тој потсети дека 2025 година заврши со 3,5 отсто раст на БДП.

– Оваа Влада беше избрана на 23 јуни 2024 година и 2024 година ја завршивме со раст на БДП од 3 отсто реален, а номиналниот беше блиску 2 и пол пати поголем, близу 7 проценти и бевме во горната половина од земјите од Европа. Минатата 2025 година ја завршивме со 3,5 отсто раст на БДП, а номиналниот беше над 8 проценти и бевме во првите 5-6 земји во Европа. Оваа година планираме до крајот на годината растот на БДП да биде помеѓу 3,5 и 4 отсто, значи тој континуиран раст на БДП реален да продолжи, а номиналниот да се движи околу 8 отсто. Предизвик повеќе е фактот што овој раст на БДП и овие податоци се случуваат во период кога имаме раст на европската економија помала од 1% на годишно ниво, а нас најголем трговски партнер ни е самата ЕУ, потенцираше премиерот Мицкоски.

Според Мицкоски, растот на индустриското производство во вториот квартал од 3,4 отсто е индикатор дека состојбата е стабилизирана и конечно стигнуваат позитивни вести, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски.

Според него, растот од околу 3,4 отсто во вториот квартал е индикатор дека по 25-26 месеци од оваа Влада состојбата е конечно стабилизирана и дека во оваа насока треба да се продолжи и во периодот што следи.

– Индустриското производство во овие услови е исклучително значаен податок и неговиот раст, посебно во вториот квартал кој што е над 3 отсто мислам дека е околу 3,4 отсто, но уште повеќе радува фактот што преработувачката индустрија расте. Значи, не се темели на услуги или на нешто друго, туку имаме раст на преработувачката индустрија. Ова се први индикатори кои велат дека по овие 24, 25, 26 месеци од оваа Влада, конечно стигнуваат позитивни вести, односно да се изразам попрецизно, конечно е стабилизирана состојбата која ќе треба да продолжиме да ја развиваме и да ја растеме. Во периодот што следи очекувам и тоа да се случи, нагласи Мицкоски, одговорајќи на новинарски прашања по промоцијата на Градскиот воз.