Мицкоски очекува „драматично поевтинување“ на производите кои имаат високи маржи


Фото: Б. Грданоски

Премиерот Христијан Мицкоски очекува производите кои што се опфатени со владината мерка за ограничување на маржите да поевтинат, особено оние каде што маржите се повисоки.

„Очекувам, апсолутно да. Во текот на вчерашниот ден имавме седница на Владата на којашто од страна на министерот за економија и труд добивме исцрпен брифинг, но истовремено би рекол и дебрифинг од страна на извештајот којшто го има доставено Државниот пазарен инспекторат. Договоривме да во најскоро време се излезе со предлог“, рече Мицкоски одговарајќи на новинарки прашања по посетата во Кавадарци.

Тој посочи дека од министерствот за економија веќе добил работна верзија за предлог мерките.

„Во текот на денот ќе се усогласува и очекувам на итна седница во текот на утрешниот ден истиот да биде донесен и да биде спроведен од страна на супермаркетите или хипермаркетите“, рече Мицкоски.

Тој објасни дека маржата малопродажна и големопродажна се ограничува едната на 10 и другата на 10 проценти и очекува тука да има драматично намалување на цените на оние производи коишто вистински ги користат граѓаните.

„Тие се проширени со друг тип на производи коишто се за хигиена, исто така и бебешката храна е вклучена. Така што од тоа што можев да го видам, гледам дека речиси е сѐ опфатено, она што граѓаните го користат. Инаку оваа мерка ќе важи до 30 април, за понатаму ќе видиме како ќе се одвиваат работите“, рече Мицкоски.