Мицкоски: Надлежните да почнат да произведуваат струја која ќе завршува како помош во стопанството

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска во Берово го повтори ставот дека според него македонските бизнисмени плаќаат повисока струја од нивните колеги во регионот.
-Вистината е таа дека македонските бизнисмени, според Еуростат, не според ВМРО-ДПМНЕ, во втората половина од 2021 година плаќаат и двојно повисока цена за струјата од нивните колеги на пример во Косово. Плаќаат поскапа струја од нивните колеги во Србија, во Црна Гора, во Турција и буквално секаде, односно долгата приказна накратко тие стануваат сѐ понеконкурентни и за жал голем дел од нив ќе мораат бизнисите да ги затвораат, а со тоа голем број наши сограѓани ќе останат без егзистенција за своите семејства, истакна Мицкоски на новинарско прашање за време на посетата на Берово.
Тој исто така упати и апел до надлежните да произведуваат струја која, вели, ќе завршува како помош во стопанството.
-Наместо да продолжат со оние, би рекол глупави изјави кои што ги даваат надлежните, да се зафатат за работа, да престанат да крадат, да произведуваат струја и таа струја да завршува како помош во стопанството и на тој начин да го направат македонското стопанство конкурентно, вели Мицкоски.
Мицкоски вели дека е шокиран од најавата на надлежните дека од 1 јануари дополнително тие сметки ќе биде зголемени и ги повика да произведуваат струја која ќе биде конкурентна за стопанството, а евтина за граѓаните, бидејќи, како што посочува, државава е најсиромашната на Балканот и во Европа.