Мицкоски: Македонија е шеста држава во привлекување на странски инвестиции во однос на БДП


Ќе бидам прецизен за да не бидам погрешно разбран, зборувавме дека сме четврта економија во Европа. За жал се уште постојат такви кои на брутален начин се обидуваат да дефокусираат, многу јасно и прецизно рековме тогаш дека станува збор за четврти најголем раст на БДП во Европа. Ние сме шеста држава по бројот, обемот и волуменот на странски инвестиции во светот според БДП, значи да бидеме прецизни, да не оставиме на овој тип на луѓе да го дефокусираат и ова, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање по презентацијата на новопристигнатата опрема од САД во касарната „Јане Сандански“ во Штип.

Тој додаде дека според Светската туристичка организација на ОН, Македонија е шеста дестинација која што привлекла најголем број на туристи во светот, по процентот на раст, споредено со истиот период минатата година.

-И исто така треба да кажеме дека Обединетите Нации секторот туризам објавуваше дека сме шеста дестинација која што привлекла најголем број на туристи во светот, по процентот на раст, споредено со истиот период минатата година. Тоа се параметри кои се добри и значајни. Дали тоа ќе се почувствува кај стандардот кај граѓаните, јас сум убеден дека тоа се случува, можеби доаѓа споро, но во периодот кој што следи ќе биде уште по изразено. Имајќи предвид дека без да имаме интервенционизам, популизам и без да имаме начин на кој што порано се зголемуваше просечната плата, ние го имаме истиот раст од 11, 12 и 13 проценти, што значи дека стандардот полека но сигурно доаѓа на свое место, истакна тој.
 
Мицкоски нагласи дека примарна цел е да се консолидираме како држава. -Ценам дека сме во таа состојба на консолидирање и сега е времето да се почне со раст, односно да се почувствува сето она за кое што денеска зборуваме. Затоа велам ако ние имаме раст на платите од 11, 12, 13 проценти на месечно ниво, а инфлација условно кажано во просек од четири проценти, тогаш нето имаме зголемување од седум проценти. Каква беше состојбата пред година и пол, две: тогаш имавме просечна инфлација од 15,18, 20 проценти и раст на платите што беше под нивото на инфлација, што значи дека стандардот беше во негатива, односно во минус, за разлика од сега кога е во позитива, посочи премиерот Мицкоски. 

Инаку за извештајот на „Фајненшл тајмс“, денеска на прес конференција во Владата се пофалија и министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски и Директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони, Гоце Димоски, кои нагласија дека нашата земја е рангирана меѓу првите во Европа и шестта во светот по обем на гринфилд инвестиции во однос на Бруто домашен производ.

„Докажуваме дека сме мала земја која умее да постигне големи резултати“, изјави Муцунски додавајќи дека овој индекс не ја наградува големината туку напорот и довербата, нагласувајќи дека не е случајност, бидејќи испраќаме порака дека нашата држава е сигурен и достоинствен партнер, градиме предвидливост, ние сме кредибилна членка на НАТО и се поврзуваме со европските коридори.

„Тој покажува дека привлекуваме повеќе нов капитал отколку што би се очекувало за нашата економска тежина. Дека остварените резултати во делот на странските инвестиции се над нашата категорија. Тоа е порака до инвеститорите и граѓаните. Тука вреди да се инвестира, да се гради, да се остане“, изјави Муцунски.

Како пример за ваквата динамика, Муцунски ги посочи енергетските проекти и големиот број нови инвестиции реализирани во ТИРЗ зоните во изминатат година.

„Тоа е јасен сигнал дека енергетската транзиција и индустрискиот раст се во фаза на реализација не само план или парола, рече Муцунски.

Директорот на Дирекцијата за ТИРЗ, Гоце Димоски, рече дека денешниот успех претставува признание за нашата стратегија, пристап и политики кои ги спроведуваме во привлекувањето на странските инвестиции.

„Од самиот почеток на мандатот на оваа Влада поставивме јасна цел, која ќе донесе резултати со долгорочно позитивно влијание врз економијата. Како клучни приоритети ги поставивме економскиот раст, креирањето нови работни места и привлекување нови инвестиции кои ќе донесат високо додадена вредност во македонската економија. По само една година посветена напорна работа сведоци сме дека Македонија е рангирана на шест место во светот и лидер во регионот Адриа, односно Македонија е пример за земја од Западен Балкан која ги надминува своите можности кога станува збор за привлекување странски инвестиции, потенцира Димоски.