Мицкоски ќе ја внесе Македонија во ЕУ!?

Откако ќе ја смени централната власт заедно со локалната Мицкоски ќе ја внесе екпресно Македонија во ЕУ, а деталите за враќање на уставното име и за поништување на „предавничките договори“ сега не се битни пред вториот круг на локалните избори


Христијан Мицкоски веќе ги започна подготовките како да се ослободи од најголемата лага и најголемата штета што ѝ ја нанесе тој и неговата партија на Македонија. Од тврдокорни борци против промената на уставното име, на загрозениот национален идентитет и на македонскиот јазик, од цврсти ветувања дека штом дојдат на власт ќе ги поништат штетните договори со Грција и со Бугарија, за што доби големи поени во делот од јавноста која верува во тоа, сега најавува срамежливо, со половина уста, дека тој и неговите партнери во новата влада која само што не е формирана со него на чело, ќе ја внесат Македонија во ЕУ!?

Како тоа ќе го направи Мицкоски, сега нема потреба да  објаснува. Во моментот пред вториот круг на локалните избори, таквите детали не се многу важни. Деновиве во една преписка со Зоран Заев откако ќе ги напише силните аргументи за големата победа на комуналните избори во пост скриптум, како помалку значајно, Мицкоски  ќе го даде следното ветување: „…А по смената на централната власт заедно со локалната, државата заеднички ќе ја внесеме во ЕУ каде и припаѓаме. На чекор од заедничката и нова иднина“.

Многу интересна и возбудлива реченица искажана во П.С. Значи, по смената на централната власт заедно со локалната, што му доаѓа само по десетина дена кога Мицкоски ќе ја состави новата влада, државата, се разбира, Република Македонија, никогаш Северна, новите власти ќе ја внесат во ЕУ. Пазете, ви се молам, каде што секогаш сме припаѓале и што е многу важно и тоа е само на чекор од заедничката и нова иднина. Двата збора, нова иднина која Мицкоски ни ја гарантира со влез во ЕУ е врв на едно тешко лицемерие и потценување на јавноста. ЕУ да ти била наша нова иднина во која ќе нѐ однесе ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски. Оди сега ти определи кој е луд, кој е збунет, а кој паметен.

Мислам дека луди се тие што му веруваат на Мицкоски за новата европска  иднина, збунети се тие што не му веруваат, а паметен е Мицкоски затоа што тоа што одамна им го ветува во разговорите со политичарите од Европа и од Америка дека нема ништо да чепне од потпишаните и ратификувани договори со соседите Грција и Бугарија, сега индиректно им го ветува и на граѓаните на Македонија, ама вртејќи од околу, „као киша око Крагујевца“ веројатно тргнувајќи од домашниот есап тоа отворено да го соопшти откако ќе седне на премиерската фотелја.

Новата иднина за која се потрошија 30 години сега е на дофат и само што не почнала со Мицкоски и со ВМРО-ДПМНЕ. Тука нема ништо ново, веќе се препишани зборовите на грчкиот премиер Кирјакос Мицокатакис кои ги изрече првиот ден по преземањето на премиерската функција по падот на владата на Алексис Ципрас. Договорот со Северна Македонија, рече Мицотакис уште  првиот работен ден, е штетен за Грција, ама ние не можеме да го поништиме и со други зборови ќе го спроведуваме доследно. Истото тоа, ако дојде до ново парламентарно мнозинство во Македонија, Христијан  Мицкоски ќе го каже и на домашната јавност дека нема ништо од ветената промена на договорите со соседите  и од очекуваното спасување на уставното име, нема ни една запирка да се промени од  потпишаните договори. Напротив, ќе мора доследно да ги спроведува.

Но, во политиката растегливоста на ветувањата и нивните преиначувања оставаат простор и за вакви ординарни лаги кои подоцна од позиција на моќ стануваат силни аргументи за постигнати успеси. Па така ја добиваме позицијата на луд, збунет и паметен.

Европската иднината на Македонија макотрпно создавана цели 20 години и згора на тоа стопирана десет години со    антикоманијата во ерата на груевизмот и со инсталирањето на антички идентитет за што се потрошени стотици милиони евра, навистина зависи од тоа дали оваа тешка заблуда создавана преку пропаганди ќе биде препознаена конечно од поголемиот дел на јавноста.

Не се распродадедни македонските национални интереси, идентитетските посебности и македонскиот јазик со склучените компромисни договори со Грција и со Бугарија. Тие се распродадени со лагите на ВМРО-ДПМНЕ, на Груевски и на Мицкоски.

Затоа најдоброто решение во овие историски околности за иднината на Македонија, која не е нова туку е зацртана уште пред деновите на прогласување на независноста на државата, оваа влада да ги отпочне преговорите, која ги донесе до оваа точка од која нема враќање и кои се на повидок. А, кој ќе ги заврши и кога Македонија ќе стане членка на ЕУ ќе знаат тие што ќе доживеат. Тие ќе знаат и кој е најзаслужен за тоа, но ќе знаат и кој е највиновен што толку децении задоцнивме како и секогаш низ историјата.