Мицкоски ја очекувал „убавата вест“ од Емиратите денес, но била одложена за утре

Првата од убавите вести кои што ги најави прмиерот Христијан Мицкоски, по посетата на Обединетите Арапски Емирати пред десетина дена, требало да биде објавена денеска, но поради „некои детали“, била одложена за утре. Другите убави вести ќе стигнат до крајот на годинава. Ова го кажа Мицкоски одговарајќи на пратеничко прашање од неговата сопартијка, Бети Стаменкоска-Трајкоска, на денешната собраниска седница, при најави и дека покрај возобновувањето на линијата меѓу Скопје и Дубаи, можна е и нова авионска линија која што ќе ги поврзе Охрид и Дубаи или Абу Даби. Во Емиратите станало збор и за проекти во Попова Шапка, Охрид, за реализација на Чебрен и Галиште…
„Ќе има многу убави вести од оваа посета. Јас очекував дека уште денес ќе се слушнеа тие убави вести, но поради некои детали кои што треба да се доусогласат очекувам првата убава вест да ја објавиме уште утре, која што ќе биде административно-политичка. Останатите убави вести кои што ќе бидат економски, очекувам да се случат до крајот на годината, откако ќе имаме возвратна посета на многу влијателни луѓе во бизнис светот во Обединетите Арапски Емирати“, рече Мицкоски.
Тој рече дека нему му претставува посебно задоволство што од оваа есен повторно се враќа авиолинијата која што ќе ги поврзува Скопје со Дубаи за што операторот „Флај Дубаи“ веќе потпиша договор со Министерството за транспорт и ќе биде одлично за македонските граѓани.
„Сега веќе преговараме за дополнителна линија, дали тоа ќе биде Дубаи или Абу Даби, до Охрид, дали тоа ќе биде преку ‘Емирејтс’, или преку ‘Ер Арабија’, се уште се преговара и се разговара“, додаде Мицкоски посочувајќи дека би бил исклучително задоволен до крајот на годинава да биде објавена и таа дестинација која ќе биде дополнителна додадена вредност за туризмот во Охрид.
„И уште нешто, за претстојниот исламски верски празник една од најголемите, а можеби и најголемата туристичка агенција во Емиратите ќе го прогласи месецот претходно како месец за Македонија и ќе ја промовира Македонија како туристичка дестинација на жителите на емиратите“, рече Мицкоски, појаснувајќи дека со таа пропаганда оваа информација ќе стигне до најмалку еден милион луѓе.
Притоа, како што посочи, ако сето ова се искомбинира со директното поврзување, летот отприлика е околу пет часа, тоа ќе значи голема додадена вредност за нашиот туризам и за Македонија како држава.
„Имајќи предвид дека станува збор за исклучително богато општество, би рекол раскошно општество со јасна визија и план, судејќи според првиот човек, претседателот, навистина сум импресиониран“, рече Мицкоски.
Во образложението за посетата на ОАЕ, Мицкоски рече дека таа била исклучително успешна, како и дека имала државнички мотиви, „а не бизнис приватни мотиви или културнии, присуство на одредени концерти и слично“, алудирајќи на некои негови политички опоненти.
Притоа, како што кажа, македонската делегација била пречекана на исклучително високо ниво, со средба со претседателот на ОАЕ во Абу Даби, која наместо вообичаените 25-30 минути, била три пати пролонгирана од страна на претседателот на Емиратите, и траела 75-80 минути.
„Тоа беше исклучителна можност да се претставиме, а од друга страна да размениме одредени мислења, по одредени теми, пред се геополитички, затоа што од вака влијателен лидер посебно во тој регион да се слушне некоја дополнителна информација претставуваше за нас огромно богатство и да дадеме некоја информација за овој дел од Европа и за овој дел од светот“, рече Мицкоски.
На средбите со стопанската комора во Дубаи, една од најголемите во светот се разговарало во четири области за потенцијално вложување, а тоа се туризмот, инфраструктурата, градежништвото и енергетиката.
Слична била и средбата со стопанската комора во Шаржа, третиот по развиеност од седумте емирати.
Тој рече дека во јуни ќе дојде делегација од ОАЕ за проекти во делот на туризмот. Како што посочи, владината делегација понудила неколку локации на нашиот туристички бисер Охрид, но „потенцираме дека поради УНЕСКО, заштитата и слично, има одредени ограничувања во рамките на градбата“.
Исто така се разговарало за заедничка компанија која што би го изградила и целосно модернизирала ски центарот Попова Шапка, за што доаѓаат специјално две компании да ја разгледаат можноста.
„Попова Шапка како ски центар е еден од ретките јужно од австриските Алпи кој што нуди такви услови да се скија од 2.000 до 2.700 метри надморска височина, односно да бидам попрецизен, од меѓународен аеродром за 40 минути да сте на патеките да може да скијате“, рече Мицкоски, додавајќи дека тука е и проектот Чебрен и Галиште.
„Јас очекувам дел од овие проекти да се реализираат“, рече Мицкоски.