Мицкоски ја обвини Левица дека прави театар со Изборниот законик


 

Премиерот Христијан Мицкоски денеска уште еднаш ја обвини Левица дека го спречува носењето на Изборниот законик и прави „театар за нивниот мал број гласачи“. Тој го чека предлогот на опозицијата за Изборниот законик со цел тој да биде донесен, а со тоа државата да ги исполни сите од предвидените 10 реформски чекори, кои треба да се завршат до средината на месецот, а се од интерес на граѓаните. Пратениците од владејачкото мнозинство, вели, имаат усогласен став дека ќе се прифати секој предлог на опозицијата со вградени препораки на ОБСЕ-ОДИХР и содржано гласање на дијаспората.

„Од страна на владејачката група на пратеници во парламентот имаме усогласен став, кој вели: Кажете што сакате, ставете го на хартија, ние ќе го прифатиме. Само да биде содржано гласањето на дијаспората. Една изборна единица? Една изборна единица. Повеќе пари? Повеќе пари. Еве ние ќе намалиме од кај нас, иако сме најголема политичка партија, нека биде за нив. Немаме никаков проблем. Сѐ што мислат дека тие треба да направат, ние ќе го прифатиме“, изјави Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање при посетата на Битола. 

„Ние се обидовме да дадеме предлог, кој беше прифатен заедно со сите други измени што ги содржат препораките на ОБСЕ/ОДИХР. Завршено беше сѐ, потпишан беше законот. Пратеничката група на Левицата не сакаше да го потпише. Велат, ‘ние се сложуваме со сѐ, благодариме што ни дадовте повеќе пари. Еве, нема проблем, ќе си ги потрошиме’. Ова што сега го прават нема никаква врска со вистината“, рече Мицкоски.

„Велат, ние не се потпишуваме со вас, знаете ние сме Робеспјерови следбеници, не можеме со вас. Така не може. Ако сакате да учествувате, ќе мора и да имате одговорност. ​Потоа настапи втората опозициска партија, СДСМ, па поднесоа илјадници амандмани. Секој си наоѓаше некаква забелешка“, рече премиерот.