Мицкоски им порача на новинарите да пишуваат за успеси


Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во интервјуто за Канал 5 им порача на медиумите дека треба да почнуваат за успеси за да се знае што е направено добро во државата, на што следеше забелешката на новинарот дека –  ќе пишуваат „ако има“. 

Мицкоски се обиде и да го намали значењето на фактот дека Македонија драматично скокна на скалото на слобода на медиумо откако СДСМ ја презеде власта, а претходно беше под стотото место, тврдејќи дека не може да се зборува за слобода кога некои (два три што ги наброја) медиуми затвориле токму во овој период, иако нема информации дека тоа е под притисок од власта, како што се случуваше во времето ба ВМРО-ДПМНЕ. На упорното барање на новинарот да каже дали ќе го задржи овој тренд со медиумите, т.е. дали гарантира дека и натаму ќе остане таква слободата на медиумите, Мицкоски избегна директен одговор. 

Тој на некој начин најави дека штотуку избрани пратеници од други коалиции се нудат за влегување во ВМРО-ДПМНЕ и дека очекува да се консолидираат бргу со 61 пратеник, а целта му е да  имаат 74 или 75 пратеници во 120-члениот парламент заедно со ВЛЕН.

Во одговор на прашање дали ВМРО-ДПМНЕ ќе разговара со Левица и со ЗНАМ, кои ќе имаат по шест пратеници во идниот парламент, Мицкоски во емисијата „Само интервју“ рече дека разговорите ќе се водат со сите партии, како и со сите пратеници за „визиите и политиките што планира да ги спроведе идната влада“. Сепак, тој појасни дека не очекува ДУИ да го смени ставот и да ја поддржи нивната политика.

Како одговор на прашањето за измените во Уставот, кои се услов за почеток на преговорите меѓу Македонија и ЕУ, тој одговори дека ставот на ВМРО-ДПМНЕ „по ова прашање е јасен“, практично навестувајќи дека ќе и понуди некаков анкес на Бугарија со македонски барања, а ако одбие – толку од патот до ЕУ, поточно како што рече ќе се сврти кон домашната агенда и ќе чека подобра  гарнитура во Софија. 

„Не гледам што е толку страшно откако ќе имаме анекс на Договорот за пријателство и добрососедство со Бугарија, да имаме уште еден анекс, во кој ќе видиме кои принципи ќе ги претставиме и со што ќе влеземе во овие разговори. Со таков концепт како што е сегашниот, немаме намера да го поддржиме. Не влегуваме во овој процес за политичка гимнастика или за да покажеме колку сме тешки. Не веруваме дека тоа е вистинскиот процес (за влез во ЕУ). Затоа што за овој процес да биде реален, мора да имаме јасен план презентиран од другата страна. Немаме јасен план освен гола реторика дека треба да им веруваме. Но, чекајте, господа, ви веруваме повеќе од две децении“, изјавил Миткоски, кој на прашање на водителот истакна дека тој се уште зборува за ЕУ, бидејќи „ЕУ го води овој процес, а Бугарија е дел од него“.

„ЕУ вели дека измените на Уставот мора да се направат и ние автоматски ќе ги започнеме преговорите“, додаде водителот.

„И ние велиме: Добро, но ова ќе се случи штом влеземе во ЕУ. И сега да разговараме што ќе правиме од овој момент“, реагира Мицкоски.

На изјавата на бугарскиот в.д. премиер Димитар Главчев дека Бугарија повеќе нема да прави отстапки за Македонија, Мицкоски возврати „Тогаш ќе си ги решиме нашите задачи овде и ќе чекаме да дојде некој разумен со кој ќе разговараме. На бугарскиот премиер треба да му се постави прашањето од што тоа отстапи Бугарија“.

„Не гледам од што се повлече Бугарија. Не гледам такво нешто. За прв пат, билатерален договор е дел од преговарачката рамка. Такво нешто во ниту еден друг случај не постои. Добрососедските односи се сосема друга работа, а има меѓународни критериуми што значат добрососедски односи. Зборувам за билатерален договор, покажете ми уште еден таков пример. Нема. Подготвен сум да одам и да ги аргументирам нашите позиции каде било во светот“, истакнал Мицкоски.

Најбомбастична сепак беше најавата за милијардата задолжување од друга земја што не сакаше да ја именува, а во која јавноста ја препозна Кина и инвестиција од половина милијарда евра, што ако се покаже дека е договорено со Пекинг ќе испадне дека ВМРО-ДПМНЕ ја спроведува агендата на Левица, иако такви најави немаше ни во кампањата ни во програмата. Тоа што веднаш ја најави милијардата заем е јасна порака до ЕУ колку му значат нивните 800 милиони евра од Планот за раст на Западниот Балкан кои може да се добијат само ако се исполнат реформи.