Мицкоски со нов став за пензиите: Процентуалното зголемување ќе се распредели подеднакво на сите
Трето менување на ставот во Владата во последниве три недели какво зголемување ќе добијат пензионерите

Премиерот Христијан Мицкоски денеска го модифицираше ставот за зголемување на пензиите – наместо претходно бомбастично најавените во интервју за Канал 5 илјада денари во септември и исто толку во март идната година, тој сега вели дека износот од процентуалното зголемување ќе се распредели на сите пензионери подеднакво. Ова е трето менување на ставот на Владата за начинот како ќе биде исплатено зголемувањето за пензионерите. Министерката за финансии тврдеше дека нема да има линеарно зголемување, истото го кажа и заменик-министерот за труд, за минатиот четврток премиерот да направи целосен пресврт непосредно пред изборите.
Ваквата негова изјава доаѓа по написите и анализите дека со линеарното зголемување по илјада денари, Владата практично ќе заштеди, бидејќи според постојната методологија (50 отсто од зголемување на трошоците за живот и 50 отсто од порастот на платите), излегува дека за усогласувањето на пензиите би биле потребни повеќе средства.
Одговарајќи на прашања на новионарите на прес конференција во Владата по потпишување на меморандумот за соработка со „Казанџи Холдинг АС“ , Мицкоски рече дека Владата денеска ќе разгледа предлог-закон за линеарно зголемување на пензиите, кој потоа ќе биде испратен до Собранието.
„Очекуваме линеарно зголемување на пензиите, тоа го бараат пензионерите од Владата – тој процент што треба да се зголеми да биде линеарно распределен на сите корисници на пензии“, изјави Мицкоски.
Претходно, Мицвкоски рече дека зголемувањето ќе биде два пати по илјада денари, едното со септевриската пензија годинава и другото со мартовската пензија идната година.
Мицкоски денеска додаде дека очекува Собранието да го изгласа законот пред распишувањето на локалните избори.
„Денеска на седница на Владата би требало предлог законското решение да помине и веднаш потоа да биде испратено до парламентот. Очекувам парламентот пред распишување на локалните избори тоа да го изгласа позитивно“, рече премиерот Мицкоски.
Во однос на мерките за справување со цените, премиерот најави дека Владата наскоро ќе излезе со конкретни мерки за заштита на граѓаните.
„Ние сме сите на иста страна, и граѓаните и Владата, и многу скоро ќе излеземе со мерки кои што ќе значат заштита на интересите на граѓаните“, рече премиерот Мицкоски, додавајќи дека јавноста ќе биде информирана веднаш штом мерките бидат подготвени.