Мицкоски виде политичка заднина во барањето на ССМ за минималната плата, го оспори и легитимитетот на Трендафилов
Сите доаѓаме до еден едноставен заклучок дека има многу политика, а малку основа за барање на правата на работниците, рече премиерот
Премиерот Христијан Мицкоски смета дека во барањето на Сојузот на синдикати за зголемување на минималната плата има многу политика, а малку основа за барање на правата на работниците. Тој денеска одговарајќи на прашања на новинарите по поставувањето камен темелник на изградба на спортска сала во населено место Огњанци, во Општина Петровец, рече дека имало чудна коинциденција помеѓу прес конференцијата на ССМ и изјавата веднаш потоа на лидерот на СДСМ, Венко Филипче, кој рече дека сегашната влада потфрли во сите ветувања и дека наставниците и работниците се разочарни бидејќи нема да има зголемување на платите. Мицкоски, истовремено, упати и суптилна закана кон првиот човек на ССМ, Слободан Трендафилов, велеќки дека нема да навлегува во начинот како бил избран, порачувајќи јавноста многу внимателно да го следи случајот. Во однос на второто барање на ССМ за намалување на функциоерските плати, Мицкоски рече дека многу скоро пред парламентот ќе се најде законско решение кое што ќе ја опфати и јавната администрација.
„Ја слушав изјавата на претседателот на синдикатот. Мора да кажам дека од Министерството за финансии и од министерката бев информиран дека сѐ е постапено согласно закон во ребалансот на Буџетот и тука не треба да имаме никаква дилема. Мене ме зачуди фактот што веднаш претседателот на СДСМ, како да беа чудно синхронизирани, излезе со свој став во поддршка на овој претседател. Нема да навлегувам во начинот како беше избран и тн. За тоа има институции, јас нема да навлегувам, јавноста ја повикувам многу внимателно да го следи овој случај. Но, за помалку од два месеци од работата на Владата гледаме еден синхронизиран напад спротивен и на закони и на етика и на принципи од страна на претседател на Сојузот на синдикати и претседател на најголема опозициска партија“, рече Мицкоски.
Тој нагласи дека тоа него го доведува во ситуација да размислува дека тука има политичка заднина.
Истовремено, Мицкоски ги повикува членовите на синдикалната организација да не наседнувале на, како што рече политички кампањи во рамките на истата, додавајќи дека како Влада многу скоро ќе седне да раговара со сите легитимни синдикални организации, не посочувајќи дали меѓу нив го вбројува и ССМ.
„Јас ја разбирам потребата од зголемување на платите. Секој од нас живее од плата. Ние не живееме од провизии, ние не живееме од криминални тендери, од трговски центри, од фабрики за марихуана, ние живеме од плата“, рече Мицкоски додавајќи дека би сакал платата да биде и 5 илјади евра.
„Но треба, да дојдеме до тоа, имајќи ја во предвид состојбата во буџетот која што ја оставија како и непредвидените усогласувања согласно колективните договори, па мораше сега со ребалансот да се усогласуваат. Но, истовремено би напоменал дека истиот тој синдикат беше прелажан од страна на тогашната министерка за труд и социјална политика и сите доаѓаме до еден едноставен заклчучок дека има многу политика, а малку основа за барање на правата на работниците“, рече премиерот.
Во однос на барањето за намалување на функционерските плати за што како опозиција упатија критики кон тогашната власт, Мицкоски рече дека може да каже дека дополнително зголемување на платите на функциинерите нема да има, иако за такво нешто имало законска одлука, но на негово лично барање Владата на наредната седница ќе донесе одлука тоа да не се случи.
„Тоа зголемување од 78 отсто ќе биде дел од законско решение што ќе се најде набргу пред пратениците, вклучително и сите оние плати кои што се нивелирани согласно одреден коефициент и репер и се дел од платите кои што ги примаат вработените во јавната администрација. Тоа многу скоро ќе биде на дневен ред на парламентот“, рече Мицкоски.
На истата тема:
ССМ очекува средба со премиерот за минималната плата, барањето е таа да биде најмалку 450 евра