Мицкоски е позагрижен дали ќе има работна сила за новите инвестиции, отколку за заминувањето на постојните


Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека Владата неколку недели знаеле за намерата на компанијата „Аптив“ да ја напушти Македонија, но рече дека има компании кои што најавиле инвестиции во земјава и дека оваа состојба ќе се надмине.

„Има и неколку нови компании кои што најавуваат отпочнување на инвестиција или отворање на нови производни погони, така што тоа е процес кој што е тековен“, рече премиерот одговарајќи на новинарско прашање како врз домашната економија ќе се одрази најавата за заминување на „Аптив“, која вработува 500 лица, како и намалување на бројот на вработиени во „Џонсон Мети“, најголемиот извозник од земјава и какви мерки планира да преземе Владата.

„Таа компанија за која што вие кажавте не информираше пред неколку недели. Оваа година тие ќе работат тековно, нормално. Преговараме со дел од инвестититорите кои што се заинтересирани да инвестираат и многу брзо од денес ќе се надмине овој процес, така што јас повеќе сум загрижен дали ќе имаме догволно работна сила за сите оние инвесиции кои што се во процес на инвестирање“, рече Мицкоски.

„Аптив“ е еден од најголемите добавувачи во автомобилската индустрија што произведува и доставува напредни електрични, електронски и безбедносни технологии насекаде во светот, овозможувајќи им на производителите ширум светот да креираат возила коишто се побезбедни и подобро поврзани со околината.

Во 2016 година, „Аптив сервисес Македонија“ ја отвори својата прва локација во Македонија во Бунарџик. „Аптив“ во Македонија има околу 500 вработени кои произведуваат за автомобилската индустрија во светски рамки.

„Џонсон Мети“, пак, доминира во македонскиот извоз со години. Според податоците објавени минатата година, компанијата во Македонија во 2023 година имала приход од 2,38 милијарди евра, помал за 4 отсто во споредба со 2022 година, кога изнесувал 2,47 милијарди евра. Британската компанија произведува катализатори, а ја отвори својата прва фабрика во зоната Бунарџик во 2010 година.