Мицкоски читал друг извештај на Вајц, не она што го изјави дека реформите се целосно запрени
Премиерот Христијан Мицкоски днесеска се обиде да ги релитивизира оценките на известувачот на Европскиот парламент, Томас Вајц, дека нема напредок ни реформи во Македонија и дека е загубена цела година.
„Не знам кој извештај сте го читале од известувачот Томас Вајц. Напротив, извештајот што го имам слушнато јас е комплетен антипод од вашите прашања“, им одговори Мицкоски на новинарите што има да каже за оценките на Вајц.
Вајц, во интервју за Еуроњуз на бугарски јазик порача дека ќе му биде жал и за земјата и за граѓаните на Македонија ако Владата не ја искористи можноста што е создадена сега околу приклучувањето во ЕУ. Тој притоа истакна дека проблем не е само вклучувањето на Бугарите во Уставот туку и неостварената реформска агенда, со оценка дека во моментов не гледа никаков напредок и никакви реформи во земјата. Дека е изгубена цела година.
Тој рече дека не постои можност одново да се преговара за Преговарачката рамка и нагласи дека заштитата на малцинствата е Копенхашки критериум.
„Заштитата на малцинствата и правото на самоопределување, како и културното изразување се дел од главните европски вредности. Ова е предуслов. Ова се Копенхашките критериуми“, рече Вајц.
Зборувајќи за Планот за раст тој рече дека ако земјата не ги спроведе потребните реформи, 47 милиони евра нема да отидат во Македонија, туку кај соседните земји.