Мицкоски: Бевме на дното по БДП во регионот, сега сме на прво или второ место

Ако му е подобро на граѓанинот, ќе се види во фрижидерот и во паричникот, порачуваат од СДСМ нарекувајќи ги тврдењата на премиерот „трик со калкулатор“


Премиерот Христијан Мицкоски вели дека за две години владеење на ВМРО-ДПМНЕ бруто домашниот производ пораснал за 120 милиони евра. Тој денеска одговарајќи на новинарско прашање пред средбата на Амбасадорскиот совет рече дека до пред три години земјава била убедливо на дното во регионот, а сега сме веќе на прво или второ место според растот на БДП.

„Kога водите еден процес и во политиката, вие мора да правите компаративна анализа. Ако не правите компаративна анализа, тогаш вие лутате во магла и не знаете на крај каде ќе стигнете. Јас се обидов вчера да направам една компаративна анализа на неколку клучни параметри во економијата. Еден од тие е јавниот долг, втор е бруто-домашниот производ. Со бруто-домашниот производ вие можете да ја оцените силината на економијата на една држава, а состојбата на бруто јавниот долг е практично колку сте вие позајмиле и вистински сте ги вложиле тие пари за да генерирате подобри економски резултати. Ако се спореди периодот на претходната влада СДСМ-ДУИ со периодот на оваа влада ВМРО-ДПМНЕ, Вреди и ЗНАМ, тогаш ќе дојдеме до следниве параметри: за три пати пократок период бруто-домашниот производ пораснал за 120 милиони евра повеќе. Значи за 120 милиони евра повеќе бруто-домашниот производ за овие две години е поголем отколку за претходните шест од претходната влада“, рече Мицкоски.

Околу овој нов манир на Мицкоски за сите резултати да прави квази споредби со владеењето на СДСМ, реагираше уште утрово опозицијата. Според СДСМ , со избор на различни временски периоди Мицкоски создава искривена слика за економските резултати на Владата. Од партијата велат дека Мицкоски споредувал 23 месеци со 84 месеци и врз основа на таквата споредба тврдел дека платите растеле 70 отсто побрзо, пензиите 325 отсто побрзо, инфлацијата била седум и пол пати помала, а долгот два и пол пати помал.

„Тоа не е економија. Тоа е трик со калкулатор“, велат од опозициската партија, оценувајќи дека споредбата на јули 2026 со јули 2022 година не ја прикажува реалната економска состојба. Според СДСМ, јули 2022 година бил период на исклучително висока глобална инфлација, предизвикана од војната, енергетската криза и растот на цените на храната, па споредувањето со тој период не може да се користи како доказ за успешноста на актуелната влада. Од партијата посочуваат дека граѓаните економските состојби ги чувствуваат преку цените и трошоците за живот, а не преку процентите презентирани во политички анализи.

„Дизелот е 100 денари. Пиперката на нива 40. Храната во продавница расте. Фабрики се затвораат. Инвестициите паднаа. Последниот квартал 0,3 отсто. Тоа се исто бројки. Само не влегуваат во неговата презентација“, наведуваат од СДСМ.

Опозицијата го оспорува и тврдењето за намалување на јавниот долг. Од СДСМ велат дека државата во последните две години била дополнително задолжена за околу 2,5 милијарди евра, додека Владата истовремено тврди дека буџетот е во добра кондиција.Критики упатуваат и на начинот на кој се презентира растот на пензиите, како и на најавите поврзани со вториот пензиски столб.

СДСМ бара економските резултати да се презентираат преку официјални податоци од Државниот завод за статистика и преку споредливи показатели за животниот стандард.Од партијата бараат Владата да покаже колку денес чини потрошувачката кошница и колку чинела во моментот кога Мицкоски ја презел функцијата, како и да објасни зошто земјоделците, како што наведуваат, се соочуваат со ниски откупни цени додека Владата зборува за економски раст.

„Ако му е подобро на граѓанинот, ќе се види во фрижидерот и во паричникот“, порачуваат од СДСМ, оценувајќи дека економските показатели презентирани од премиерот се „бројки за телевизија, не за трпеза“.