Мицкоски бара ЕК да ги слушне и аргументите на Владата за платите


Фото: Б. Грданоски

Европската комисија да ги слушне и аргументите на Владата во врска со барањата за зголемување на платите, бара премиерот Христијан Мицкоски, како одговор на новинарско прашање за најавата на Европската конфедерација на синдикатите дека ќе ја извести Европската комисија за владин притисок да нема зголемување и дека целата постапка ќе биде под мониторинг.

– Јас ги охрабрувам да дојдат тука и да ги слушнат аргументите, бидејќи би било незрело само врз основа на еднострана информација да носат заклучоци. Во принцип, јас би ги советувал да ги слушнат сите страни, аргументите на сите страни и тогаш да зборуваме за заклучоците. Доколку е еднострана информацијата, сигурен сум дека високите претставници на Европската комисија ќе сакаат да ја слушнат и втората страна, тогаш дебатата и заклучоците би биле поинакви. Но, ако го слушате претпоследниот или би рекол можеби тука блиску до последниот браник на интересите на СДСМ, а тоа е она момче претседател на ССМ коешто излегува заедно со малкумина судии и обвинители, тогаш – да, ако носите врз основа на тоа заклучок – да, но мислам дека мислам дека заклучокот треба да се темели на аргументи од двете страни. Ние сме на располагање, ги покануваме да дојдат или ако треба ние ќе појдеме да ги претставиме нашите аргументи, истакна премиерот Мицкоски.