МФ: „Фич“ го задржа кредитниот рејтинг „BB+“ со стабилен изглед
Агенцијата за кредитен рејтинг „Фич“ го потврди кредитниот рејтинг на РС Македонија „BB+“ со стабилен изглед, испраќајќи јасен сигнал за доверба во економските политики на земјата.
Во последниот извештај, „Фич“ истакнува дека кредибилните и конзистентни макроекономски политики, долгогодишната политика на фиксен девизен курс и поволните показатели за управување во однос на земјите со сличен рејтинг остануваат клучни фактори што ја поддржуваат стабилноста.
Дополнително, посветеноста кон процесот на пристапување во ЕУ се оценува како значајно реформско сидро на среден рок.
Реалниот економски раст забрза на 3,5% во 2025 година, поттикнат од домашната побарувачка и инвестициите, кои остварија раст од 8%.
И покрај предизвиците од надворешното окружување, очекувањата на „Фич“ се дека економијата ќе продолжи со стабилен раст од 3% во 2026 година и дополнително да забрза на 3,4% во 2027 година, што ја позиционира земјата на патека на одржлив раст.
Фискалната политика останува внимателно поставена и одговорна. Буџетскиот дефицит е задржан на планираното ниво од 4% од БДП во 2025 година, со јасна траекторија на негово постепено намалување на 3,4% до 2027 година.
Истовремено, јавниот долг се одржува на умерено и контролирано ниво, значително под европските критериуми, што дополнително ја потврдува фискалната стабилност.
Извештајот нотира и изложеност на надворешни ризици, особено во делот на енергетските пазари, но оценува дека ваквите шокови нема да имаат долгорочни нарушувања врз економијата.
Инфлацијата покажува тренд на стабилизирање, со очекувања за умерено ниво во наредниот период и дополнително стабилизирање во 2027 година.
Потврдата на кредитниот рејтинг „BB+“ со стабилен изглед претставува важен сигнал за меѓународните финансиски пазари и инвеститорите дека Македонија ја задржува макроекономската стабилност и води предвидлива економска политика и во услови на глобална неизвесност.