„Мета“ се согласи на судска спогодба, воведува измени и ќе плати 16,68 милијарди долари
Мета, американска компанија што ги поседува Фејсбук и Инстаграм, се согласи да плати максимум 16,68 милијарди долари и да воведе значајни промени на своите платформи за да го заврши спорот со 29 американски држави, кои ја обвинија дека ги дизајнирала социјалните мрежи да создадат зависност кај децата.
Спогодбата предвидува дека „Мета“ ќе воведе дневни ограничувања за користење на Фејсбук и Инстаграм за деца и ќе ја ограничи нивната употреба ноќе. Компанијата, исто така, ќе ја заостри проверката на возраста за да ги спречи децата да пристапуваат до содржини наменети за постари корисници.
Американските федерални држави претходно ја обвинија „Мета“ дека ги довеле корисниците во заблуда за безбедноста на своите платформи, како и дека собирале лични податоци на деца без соодветно известување или родителска согласност.
Тие тврдеа дека Фејсбук и Инстаграм придонеле за поширока криза со менталното здравје кај децата и тинејџерите во САД. „Мета“, сепак, негираше одговорност и какво било кршење на законот.
Компанијата претходно тврдеше дека не може да се смета за одговорна за тврдењата дека нејзините платформи предизвикуваат зависност, бидејќи „зависноста од социјалните медиуми“ не е призната психијатриски како нарушување.
Спогодбата, исто така, ги опфаќа тужбите поднесени од Калифорнија, Илиноис, Ново Мексико и Вашингтон за прашања поврзани со скандалот со Кембриџ Аналитика, а тие држави ќе добијат 459,3 милиони долари како дел од спогодбата. Спогодбата спречи продолжување на една од најважните тужби против компанијата за влијанието на социјалните медиуми врз децата. Акциите на Мета пораснаа за 2,3 проценти во раното тргување на американската берза по објавувањето на договорот.