Месут Озил стана политичар, именуван на позиција во партијата на Реџеп Таип Ердоган


Легендарниот германски фудбалер со турско потекло Месут Озил дефинитивно влезе во политиката, откако во неделата беше назначен на важна позиција во Партијата на правдата и развојот (АКП), турската владејачка партија предводена од претседателот Реџеп Таип Ердоган.

Озил долго време беше близок со Ердоган и стана член на партијата веднаш по завршувањето на фудбалската кариера, а сега очигледно реши поактивно да се вклучи во политичките процеси во Турција.

Во неделата се одржа конгресот на партијата АКП, а Озил беше назначен за Централниот комитет за одлучување и управување на владејачката турска партија.

Озил и претходно беше мета на критики во текот на својата играчка кариера поради неговата блискост со Ердоган, а во 2018 година, пет години пред неговото пензионирање, токму поради тоа ја заврши меѓународната кариера. Тој се повлече од меѓународниот фудбал откако неговото дружење со Ердоган во Лондон предизвика огромна врева.

Рајнхард Гриндел, кој во тоа време беше на чело на Германскиот фудбалски сојуз, ги обвини играчите дека му дозволуваат на Ердоган да ги „експлоатира“ за политички цели.