Mесто со огномет, новосадските студенти со молк ќе ја дочекаат Новата година
Во вторник навечер е планиран масовен протест со 15-минутна тишина во периодот од 23.52 до 00.07 часот во Нови Сад, во знак на протест по трагичната несреќа на железничката станица кога падна настрешницата и загинаа 15 луѓе.
Новосадските студенти најавија дека и на пречекот на Новата година ќе демонстрираат со 15-минутен молк, во знак на почит кон жртвите од уривањето на настрешницата на Железничката станица на 1 ноември и протест против неодговорноста и корупцијата на властите.
Студентите што ги блокираат факултетите на Универзитетот на Нови Сад денеска организираат собир пред Градското собрание за време на седницата на која треба да се усвои буџетот.
– На седницата ќе присуствува и градоначалникот Милан Ѓуриќ, од кого со недели бараме политичка, морална и кривична одговорност. Тие се оглушуваат на барањата на студентите, па ајде да им покажеме колку нѐ има и да ни го слушнат гласот – се наведува во повикот на протест.
Од учесниците се бара да носат со себе свирчиња, тенџериња и „сѐ што прави врева“ за да извршат притисок врз одборниците и градоначалникот.
На пречекот на Новата година, пак, во вторник навечер, е планиран масовен протест со 15-минутна тишина во периодот од 23.52 до 00.07 часот.
– Празниците нѐ спојуваат, ја јакнат нашата волја да издржиме, ја зајакнуваат заедницата, никако не нѐ раздвојуваат, нека не се надецаат на тоа. Дојдете заедно да ја испратиме претходната и да дочекаме некои нови и поубави години. Сакаме Нови години на кои ќе им се радуваме – порачаа новосадските студенти.