Меркел: Блокадата на Бугарија не можевме да ја предвидиме


Не можевме да предвидиме дека Бугарија ќе го блокира почетокот на преговори на Северна Македонија со ЕУ, изјави германската канцеларка Ангела Меркел по состанокот со лидерите од Западниот Балкан во рамките на Берлинскиот процес, а на кој учествуваа и земјите членки на ЕУ – Франција, Австрија, Грција, Хрватска, Словенија, Италија, Бугарија, како и претставници на Унијата, а на кој домаќин беше Германија.

Темата Македонија – Бугарија, како и релациите Србија – Косово биле само едни од темите за кои се разговарало на осмиот состанок на Берлинскиот процес, кој генерално е посветен на регионалната соработка во делот на економијата и инфраструктурата. Притоа генералната оцена на Меркел денеска беше дека во последните седиум години Берлински процес ги забрзал промените во регионот, но и дека има уште да работи во делот на реформите, пред се во борбата против корупцијата.

Меркел на прес конференцијата по состанокот ги спомена и придобивките од Процесот како што е проектот на заедничкиот регионален пазар на кој во моментов се работи, но и регионот без роаминг, како и формирањето на младинскиот форум. Канцеларката најави и три милиони дози вакцини за земјите од Западниот Балкан.

Меѓу тешкотиите со кои во моментов се соочува регионот Меркел наведе три работи: спорот меѓу Србија и Косово, состојбата во Босна и Херцеговина, како и спорот меѓу Бугарија и Македонија.

-Некои тешкотии не можете да ги предвидите. Долго гледавме како Северна Македонија и Грција преговараа за името. Откако се реши спорот, Северна Македонија стана членка на НАТО, но одеднаш Бугарија го блокираше почетокот на преговорите за членство во ЕУ. Иднината на регионот е во ЕУ и тоа, не е интерес само на земјите од Западниот Балкан туку и на самата ЕУ, истакна Меркел.

– Нашиот прв приоритет е да ја забрзаме агендата на проширувањето низ целиот регион и да ги поддржиме нашите партнери од Западен Балкан во нивната работа за спроведување на потребните реформи за напредување кон европскиот пат. Нашиот ангажман со Западен Балкан го надминува тоа, а Берлинскиот процес служеше како инкубатор за многу иницијативи кои сега станаа составен дел од политиката на ЕУ кон регионот.Заедно, го отворивме патот за поодржлива, дигитална и поотпорна Европа, порача околу состанокот претседателката на ЕК, Урсула Фон Дер Лајен.

Со слична вербална поддршка излезе и еврокомесарот Оливер Вархеји.

– Регионот игра клучна улога во нашите планови за попросперитетна, подобро поврзана, позелена и поотпорна Европа. Ова е причината зошто ние мора да го забрзаме неговото интегрирање во Унијата, напиша Вархеји на Твитер.

-Сега е време да испорачаме. Ние мора да ги одржиме своите ветувања, да останеме сигурен партнер за регионот и да го поддржиме неговото економско закрепнување, напиша австрискиот премиер Себастијан Курц.

Денешниот самит, според соопштението на ЕК, се фокусирал на напредокот во  економската интеграција на регионот во рамките на  Заедничкиот регионален пазар договаран на минатогодишниот Самит во Софија во 2020 година и на спроведувањето на Економскиот и инвестициски план што Комисијата го изложи минатата есен.

По олеснувањето на логистиката на граничните премини во рамките на регионот за време на пандемијата преку воспоставување на таканаречените „Зелени коридори“, оваа иницијатива сега влегува во нова фаза. Грција изрази политичка подготвеност да го одобри проширувањето на иницијативата и да ја применува на назначените гранични премини меѓу неа и Албанија и Северна Македонија.

Самитот  беше исто така можност да се прослави целосното влегување во сила регионалниот договор  со кој се укинуваат таксите за роаминг во регионот. Следниот чекор што се подготвува е постепено укинување на надоместоците за роаминг помеѓу Западен Балкан и ЕУ.

За имплементација на Економскиот и инвестициски план за Западен Балкан, ЕК објави дека има намера да предложи инвестициски пакет од 500 милиони евра во 2021 година. Покрај тоа, по одлуката на ЕУ да ги вклучи  сите земји од Западен Балкан меѓу оние за кои треба да бидат укинати ограничувањата за патување и со цел дополнително да му се помогне на Западен Балкан да го ублажи економското и социјалното влијание на пандемијата COVID-19,  ќе се обезбеди и финансиска и техничка поддршка за да регионот се приклучи на дигитален COVID-19 сертификат на Унијата. Ова ќе го олесни патувањето помеѓу Западен Балкан и ЕУ.