Менсур Пајазити осуден на две години затвор за смртта на Теодора Ристовска во сообраќајна несреќа


На повтореното судење за смртта на Теодора Ристовска во сообраќајна несреќа, денеска во Основен суд Тетово, обвинетиот Менсур Пајазити ја призна вината и по изведување на докази и завршни зборови, судијата Елведин Ферати го осуди на казна затвор од две години. Менсур Пајазити, роден 1973 година беше огласен за виновен за кривично делото „Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“ за смртта на 22-годишната Теодора. 

– Виновен е затоа што на 15.08.2022 година во Тетово, како учесник во сообраќајот не се придржувал до прописите и со тоа го загрозил јавниот сообраќај. Управувал возило „БМВ“ и се движел по булевар, со брзина од 59 километри на час, која брзина не е прилагодена на условите на патот за да може навремено да го запре возилото, при што не му отстапил првенство на минување на пешакот сега покојната Теодора Ристовска која поминувала на обележан пешачки премин, наведе судијата Елведин Ферати при читањето на пресудата.

Наташа Ѓорчевска, адвокатката на семејството Ристовски во изјава за медиумите изјави дека олеснителните околности биле повеќе на страна на обвинетиот. Таа посочи дека немало вистинско каење во процесот кај обвинетиот затоа што при давањето завршен збор наместо тоа, тој подолг период правел анализа на секој збор и ги напаѓаше медиумите.

– Во процесот што се водеше против Менсур Пајазити, тој призна дека ја одолговлекувал правдата, а и такви одговори добивме и од институциите. Во својот завршен збор обвинетиот ниту еднаш не го слушнавме дека изразува каење, жалење и извинување за тоа што се случило, туку цело време се претставуваше како жртва да е тој во постапката. Тоа беше напишан текст, не видовме дека нешто самиот кажа, од срце да излезе како каење, жалење, како што треба да биде направено. Сметаме дека се ценети олеснителните околности повеќе на страна на обвинетиот, истакна Ѓорчевска.

Со плачење и поради голем револт сестрата Ева Ристовска и таткото Круме, го напуштија судењето и во изјави за медиумите истакнаа дека не се задоволни од одлуката на судот.

– Колку вреди животот во Македонија. Колку вреди животот на сестра ми, дали животот некој може да и го врати. Дали нејзината младост може некој да ја врати. Мојата младост дали може некој да ја врати. Мојата душа дали може некој да ја врати. Две години го осудија што уби човек. Колку вреди животот во Македонија дали некој ќе ми објасни, колку вреди животот на сестра ми. Со две години ние треба да бидеме задоволни? Јас треба да отидам и да речам на сестра ми, да и запалам свеќа и да и речам. Со две години биди задоволна, ова е законот во Македонија. Не, не може со две години, максималната казна нема да ми ја врати Теодора мене. Ќе ми ја олесни маката мене, ќе каже на секој следен што може да го доживее не дај Боже истово, ќе каже дека има правда, ако стигне до максимална казна. Сите веруваат во правда, и јас верувам дека ќе се смени ова и дека ќе биде максималната казна пет години, рече Ева Ристовска.

– Згрозен сум, од оваа држава, што да очекувам од оваа држава, плачам за правда, правда нема. Нема никогаш да има правда во оваа држава. Готово оваа држава отиде. Младите бегаат и ние постарите ќе бегаме. Ова не е држава, рече Круме Ристовски.

По сообраќајната несреќа во август 2022 година, на првото судење во ноември 2023 по признавање на вина Пајазити беше осуден на три години и шест месеци затвор. По жалба, Апелацискиот суд ја намалил казната на две години затвор, па Врховниот суд ги укинал двете пресуди на Основниот и Апелацискиот суд и предметот го врати на повторно судење.

Право на жалба има Обвинителството, а семејството како оштетена страна, има право само за имотно-правно побарување.