Меморандум за полесен пристап на организирани туристички групи до атрактивните локации во Охрид


Фото: Независен

Здружението на туристички водичи на Македонија, Заводот и музеј од Охрид и Капетанијата на пристаништа денеска потпишаа Меморандум за соработка со кој ќе се олесни пристапот на организирани туристички групи до најпосетените културно-историски локалитети во Охридскиот регион.

И оваа година по повод Меѓународниот ден на туристичките водичи беше организирана бесплатна тура при која со брод беа посетени најзначајните културно-историски обележја на Охридското Езеро, местата што се најчесто посетувани од туристите при нивниот престој во Охрид.

Турата беше искористена и за да се укаже на проблемот со нелиценцираните туристички водичи, за кои е посочено дека се нелојална конкуренција што нанесува големи штети на македонскиот туризам, особено оние од странство кои во презентирањето на знаменитостите ги искривуваат историските факти.

Домашните професионални туристички водичи поради тоа повторно побараа институциите во државата да изнајдат начин за надминување на проблемот на кој укажуваат години наназад.

Љупчо Јузмески кој години работи како туристички водич вели дека таквите квази-водичи најчесто работаат затскриени односно со знаење на организаторите на самите тури, најчесто во викендите за да избегнат инспекција.

Според него, тоа се лица кои имаат слаби познавања, таботаат како квази-водичи, тивки водичи кои покриваат странските за да ја избегнат законската регулатива, пазарниот инспекторат или туристичката инспекција.

– Има и странски нелиценцирани водичи кои работаат само за викенд за на тој начин да ја избегнат туристичката инспекција, рече Јузмески.

Токму таквите појави се причина професионалните водичи да бараат заштита од државата за надминување на проблемот.

Претседателот на Здружението на туристички водичи на Македонија, Бранко Босилков, посочува на недоследностите во легислативата, односно неможноста на инспекторите да изрекуваат казни на лице место за квази-водичите.

– Ако затекнат група туристи со странски водич треба да се повика пазарна инспекција, па таа да дојде, а тоа е невозможна мисија затоа што на пазарната инспекција треба да и се најави однапред. Од каде инспекторите ќе знаат кога ќе дојде група со нелиценциран водич, изјави Босилков.

Истовремено од Здружението укажуваат и на проблемот што лица лесно доаѓаат до сертификат за туристички водич, а притоа малку инвестираат во себе што остава лоша слика кај странските туристи.