Мелони подмирила неплатена сметка на италијански туристи „идиоти“ во Албанија


Во необичен дипломатски потег, италијанската премиерка Џорџија Мелони подмири сметка во ресторан на четворица италијански туристи кои излегле од ресторан во Албанија  без да платат.

Албанскиот премиер Еди Рама го покрена ова прашање со својот италијански колега додека Мелони беше во посета на Албанија со своето семејство минатата недела. Инцидентот, наводно, се случил во Берат, кој се наоѓа на реката Осум. Мелони одговорила со тоа што му рекла на нејзиниот амбасадор „да оди и да ја плати сметката за овие идиоти“, пишува италијанскиот весник Ла Стампа. Сметката изнесува околу 80 евра.

Амбасадата  на Италија во Албанија потврди дека ја платила сметката со лични средства.

„Италијанците ги почитуваат правилата и ги плаќаат своите долгови и се надеваме дека епизодите од ваков вид нема да се повторат“, соопшти амбасадата.

Франческо Лолобриџида, италијанскиот министер за земјоделство, изјави за Ројтерс дека тоа е прашање на национална гордост.

„Таа се понуди да ја плати сметката. Амбасадорот беше на пат назад за Тирана и беше достапен да го стори тоа“, изјави тој за новинската служба.

„Неколку нечесни поединци не можат да засрамат нација од пристојни луѓе“, рече Лолобриџида.