Меѓународно признание за ЦЕА – рангирана на 37 место глобално за квалитетот и интегритетот на политики и процедури


Добивме потврда за она што сме и за она што го работиме: претседателот на ЦЕА, Марјан Николов

Според годишниот Global Go To Think Tank Index Report за 2020 година кој се изработува од Универзитетот во Пенсилванија, САД (University of Pennsylvania), Центарот за економски анализи-ЦЕА е на 37 место глобално од вкупно 75 тинк тенкови (истражувачки центри) и единствена од Северна Македонија измерена по сигурност на квалитетот на производите и интегритетот на политиките и процедурите, објави ЦЕА на нејзината интернет страница. Исто така, ЦЕА е рангирана во најдобрите тинк-тенкови за домашна економска политика за 2020 година, како и во најдобрите независни тинк-тенкови за 2020 година.

Претседателот на ЦЕА, Марјан Николов, вели дека признанието е потврда за она што се и за она што го работат.

„Граѓанското општество е важен елемент за раст и развој на една демократија како општествен капитал кој според Фукујама на пример е услов без кој не се може во едно либерално општество. Тој општествен капитал е основен стопб на втората генерација на реформи во едно општество низ транзиција, а за кои основните мерни единици како владеењето на правото, слободата на говорот и независноста на институции тешко се градат во Македонија. Тој општествен капитал е и сериозен потенцијал за економски раст и развој“, вели Николов.
Во таа смисла, додава, општествениот капитал има две појавни форми. Едната појавна форма е структурен општествен капитал, кој ги опфаќа мрежите, тинк тенковите и институциите, и втората појавна форма е когнитивниот општествен капитал, кој ги опфаќа субјективните и нематеријалните елементи како субјективноста и однесувањето, заедничките вредности, реципроцитет и довербата.
Лаудер Институтот од Универзитетот на Пенсилванија го спроведува истражувањето за улогата на тинк тенковите низ целиот свет. Тие во своето истражување уште од 1989 година го следат развојот и карактерот на тинк тенк заедницата како посебна форма на граѓански здруженија кои имаат карактер и на институти за помагање на носење на прави политики за општо добро на граѓаните низ транзицијата.
Во нивното истражување тие користат речисси 1.800 експерти, медиуми, донатори и влади од целиот свет за да се изработи истражувањето и рангирањето на тинк тенковите по повеќе категории, а имаат базза за повеќе од 8000 тинк тенкови од целиот свет.
„Центар за економски анализи – ЦЕА, беше рангирана во најдобрите тинк-тенкови за домашна економска политика за 2020 година, како и во најдобрите независни тинк-тенкови за 2020 година. Сепак, најдраго рангирање за нас е 37-то место на глобално ниво од вкупно 75 тинк тенкови и единствена од Македонија измерена по сигурност на квалитетот на нашите производи и интегритетот на нашите ЦЕА политики и процедури. Ова за нас од ЦЕА претставува признание за неприкосновеност во квалитетот на ЦЕА производите и за интегритетот на луѓето кои се дел од ЦЕА“, вели Николов за Независен.
Како што нагласува, премостувањето на јазот од истражување од ЦЕА како тинк тенк до вистински владини политики не може да се одвива со акомодирање на сентиментот и интуицијата на политичарите.

„Тоа не може да носи долгорочни користи на македонското општество. Некритичката мисла од граѓанскиот сектор и негово акомодирање за потребите на политичарите носи голема штета за општеството и креирање на медикритетска граѓанска средина подложна за политички популизам и клиентелизам и генерирање на разни класи на клиенти спремни да бидат наградени од политичарите“, смета Николов.

Тој додава дека таквиот недостаток на интегритет еродира и понижува секаков истражувачки капцитет и воопшто кредибилитетот на граѓанскиот сектор кои наместо критичка јавност „соработуваат“ со власта во очекување на награда. Во таа смисла граѓанскиот сектор не може природно да биде „соработник на владата“ и да ја замени власта во извршниот дел на владеењето во едно либерално општество.
„За жал во Македонија има големи предизвици во разбирањето на улогата на тинк тенк заедницата но затоа признанието за интегритетот на ЦЕА и квалитетет на нашата 18 годишна работа е навремено. Ние добивме потврда за она што сме и за она што го работиме“, вели претседателот на Цeнтарот за економски анализзи, Марјан Николов.

Инаку, во резимето на извештајот за тинк-тенк и граѓански општества (TTCSP) се вели дека Институтот Лаудер на Универзитетот во Пенсилванија спроведува истражување за улогата што ја играат институтите во владите и граѓанските општества низ целиот свет.

Во 2006 година, TTCSP разви и започна пилот проект именуван како глобален индекс на тинк-тенкови, дизајниран да ги идентификува и препознава центрите за извонредност во сите главни области на истражување на јавната политика и во секој регион во светот. До денес, TTCSP обезбеди техничка помош и програми за градење на капацитети во 85 земји.

„Нашата цел е да создадеме трајни институционални и државни партнерства преку ангажирање и мобилизирање на тинк-тенкови кои ја покажаа нивната способност да произведат високо квалитетно истражување на политиките и да ги обликуваат популарните и елитни мислења и активности за јавно добро, се вели во извештајот.

(М.Ј.)