Меѓународниот кривичен суд првпат осуди еден од лидерите на милицијата за масовни злосторства во Дарфур


 Меѓународниот кривичен суд денеска го осуди еден од лидерите на милицијата Џанџавид, Али Мухамед Али Абд Ал Рахман за сериозни злосторства извршени пред повеќе од 20 години во регионот Дарфур во Судан.

Тој е осуден за издавање наредба за масовни егзекуции и смртоносно претепување на двајца затвореници со секира.

Првпат судот во Хаг да осуди некого за злосторства во Дарфур.

Тричлениот судски совет утврди дека злосторствата, вклучително масовните убиства и силувања, биле дел од планот на владата на тогашниот претседател на Судан, Омар ал Башир за задушување на бунтот во Дарфур.

Рахман познат како Али Кушајб, како лидер на милицијата Џанџавид е прогласен за виновен по 27 точки од обвинението, а казната дополнително ќе биде утврдена. Тој се соочува со доживотна затворска казна за злосторствата извршени во Дарфур во 2003 и 2004 година.

Рахман се предаде на властите на Централноафриканската Република и беше префрлен во притвор на Меѓународниот кривичен суд во 2020 година, а судењето почна во 2022 година, кога се изјасни како невин по обвинението за воени злосторства и злосторства против човештвото. Тој тврдеше дека не е Али Кушајб.

Поранешниот претседател Ал Башир беше обвинет и од Меѓународниот кривичен суд за злосторства и геноцид во Дарфур, но не беше екстрадиран во Хаг, иако беше соборен и приведен. Тој моментално е во воен затвор во северниот дел на Судан

Во Судан во 2023 година избувна граѓанска војна помеѓу армијата и така наречените Сили за брза поддршка (РСФ), кои беа создадени токму од Џанџавид. Двете формации беа сојузници по востанието во 2019 година што доведе до пад на владеењето на Ал Башир.

Досега во Дарфур се убиени околу 300.000 луѓе, а 2,7 милиони се раселени.