Меѓународната агенција за енергија повторно ја намали прогнозата за побарувачката на нафта


Меѓународната агенција за енергија (ИЕА) дополнително ја намали прогнозата за побарувачката на сурова нафта за оваа година, повикувајќи се на послабиот глобален економски раст и несигурност на пазарот.

Според месечниот извештај објавен во Париз денеска, за 2025 година се очекува пораст на побарувачката од само 680.000 барели дневно, во споредба со претходната прогноза од 700.000 барели.

ИЕА својата прогноза за 2025 година ја намали вкупно за 350.000 барели дневно во текот на годината, додека прогнозата за растот на побарувачката за 2026 година исто така е ревидирана надолу. Според извештајот, за 2026 година се очекува пораст од 700.000 барели дневно, наспроти претходните 720.000 барели, со просечна глобална побарувачка од 104,4 милиони барели дневно. Еден барел изнесува 159 литри.

Експертите на ИЕА ја припишуваат пониската прогноза на глобалните економски грижи. Несигурноста на пазарот е предизвикана од нестабилните трговски политики на американскиот претседател Доналд Трамп, кој во април најави опсежни царини за речиси сите трговски партнери, што доведе до нагли падови на цените на нафтата. Цената на северноморската нафта Брент падна за околу 9 долари по барел и неодамна се тргуваше на 65,93 долари.

Спротивно на ова, Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) оваа недела извести дека очекува посилен раст на побарувачката. ОПЕК предвидува пораст од 1,4 милиони барели дневно годинава, во споредба со претходната проценка од 1,3 милиони барели. Алијансата ОПЕК+, која вклучува членки на ОПЕК и Русија, одлучи да го зголеми производството од септември, планирајќи просечен пораст од 547.000 барели дневно.