Меган кај Опра: Членови на кралското семејство беа загрижени за бојата на кожата на Арчи
Сопругата на британскиот принц Хари, Меган Маркл во нивното гостување во Шоуто на Опра Винфри, рече дека претставници на кралското семејство „ја принудиле да молчи и да се откаже од изјави за јавноста“ по нејзината венчавка. Таа вели дека тоа биле многу тешки мигови на огорченост, во кои, просто, „не сака да живее“.
За време на интервјуто емитувано на каналот Си-би-ес, Маркл изјави и дека членовите на кралското семејство се „подготвени да лажат“ за да се бранат себе, но не биле подготвени да ги бранат неа и Хари. Во истовреме, Маркл додава дека луѓето во кралското семејство се разликуваат од „луѓето што ја водат таа институција“, односно – кралското семејство.
– Кралицата секогаш се однесуваше прекрасно кон мене, нагласи Маркл.
За време на нејзината прва бременост, како што вели Маркл, „претставници на кралското семејство биле загрижени за бојата на кожата на детето“. Таа била шокирана од гласините дека тој нема да стане принц и затоа нема да добие соодвеетна заштита.
– Тие не сакаа (бебето) да биде принц или принцеза. Не знаеја од каков пол ќе биде детето. Тоа беше вон протоколот. Додека бев бремена, тие сакаа да ги променат и традициите поради Арчи, објаснува поранешната глумица.
Кралското семејство, вели таа, не сакало да му даде титула и заштита на нејзиниот син поради „грижите и зборувањата за тоа – колку може да му биде темна кожата“ кога ќе се роди бебето. Таа одби да сподели јавно од кого потекнале овие разговори.
– Тоа би било многу опасно за нив, рече Маркл.
Таа вели дека за време на бременоста била „буквално подготвена на самоубиство“ поради притисокот од некои членови на кралското семејство. Себеси се нарече и „жртва на вистинска клеветничка кампања“.
Околу својата втора бременост, изјави дека очекува девојче ова лето. Принцот Хари возбудено ја потврди оваа вест, велејќи дека во мигов тие четворицата заедно со двете кучиња, во куќата што си ја купија во Калифорнија, се чувствуваат како среќно семејство.