МБА: Банкарскиот систем е стабилен и сигурен, објавување невистини нанесува штета
Македонската банкарска асоцијација денеска реагираше на информации за банкарскиот систем кои, како што велат можат да предизвикаат неоснован немир кај граѓаните. Од МБА нагласуваат дека банкарскиот систем е стабилен и сигурен.
Изминатите денови е присутна појава на објави со неточни информации за состојбите во банкарскиот систем и за поединечни банки, коишто можат да предизвикаат неоснован немир кај граѓаните, велат од МБА.
Од таму појаснуваат дека станува збор за коментирање на состојбите во банкарскиот систем и за поединечни банки на злонамерен начин којшто внесува немир кај населението.
Употребата на социјалните мрежи и објавување полувистини, невистини или искривени толкувања на одредени информации, може да внесе непотребна паника и конфузија и да има особено штетно влијание на перцепциите на граѓаните за банките.
Во овие и онака тешки времиња кога се справуваме со кризата предизвикана од COVID-19, кога се вложуваат максимални напори да се обезбедат банкарски услуги на клиентите и при тоа да се сочува нивното здравје, паралелно со дистрибуцијата на веродостојни и корисни информации кои ќе им го олеснат животот на луѓето, овие тенденции доведуваат до бројни дезинформации кои ги збунуваат и вознемируваат граѓаните.
Во таа смисла, како Македонска банкарска асоцијација препорачуваме особено да се внимава кога се читаат информациите поврзани со работењето на банките, односно да се прифаќаат за точни и веродостојни само информациите од официјални и проверени извори.
Уште еднаш нагласуваме дека банкарскиот систем е стабилен и сигурен, се вели во реаакцијата на Македонската банкарска асоцијација.