Мажите одат во коцкарници, а жените се заробуваат во еден мачен живот

Реалноста е дека без разлика дали сме во ЕУ или тука во Северна Македонија или на кое било друго место на светот, ние не сме стигнати онаму каде што треба, рече денес амбасадорот на ЕУ во земјава Михалис Рокас, кој ја отвори панел-дискусијата „(Fe)male Effect: Her Story, Her Path, Her Power“


Во политиката и дипломатијата жената мора да се докажува повеќе, да покажува дека некогаш работи и повеќе од колегата од машки пол, и ова е борба која не секогаш може да се добие. Суштината на борбата за женските права не се квотите, туку потребно е редефинирање на позициите на моќ. Треба да се смени политиката, да имаме политика на емпатија, толеранција, разбирање и заедништво, порачаа денеска говорниците за време на панел-дискусијата „(Fe)male Effect: Her Story, Her Path, Her Power“ што се одржа во Европската куќа во Скопје, по повод Меѓународниот ден на жената – 8 Март.

Амбасадорот на ЕУ во земјава Михалис Рокас, кој го отвори денешниот настан, посочи дека иако ние секоја година го одбележуваме Меѓународниот ден на жената, се уште не сме стигнати онаму каде што треба. 

-Реалноста е дека без разлика дали сме во ЕУ или тука во Северна Македонија или на кое било друго место на светот, ние не сме стигнати онаму каде што треба.  Родовата нееднаквост и понатаму е длабоко вкоренета во голем број на општества. Како што сите знаеме, постојат системски бариери, кои што доведуваат до нееднаквост, како што е нееднаква плата, нееднаков пристап до образованието и недоволната застапеност на раководни позиции, рече амбасадорот Рокас.

Тој подвлече дека трансформативната промена бара опиплива и конкретна акција на сите нивоа, инситтуционална, кооперативна и поединечна, затоа што родовата еднаквост го прави светот подобар за сите.

Професорка на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, д-р Маја Бојаџиевска во своето обраќање на панел дискусијата, рече дека ние сме наследиле без борба нешто за кое што некои други се избориле и немаме реален и навистина фер однос, кон претходните генерации кои се избориле.

-Дали е добро да се биде жена тука? Како може да биде добро во средина која толерира насилство, како може да биде добро во средина која пристапот кон здравствените услуги за цел еден огромен дел од женската популација е лош? Во ова наше општество се култивира зависност, затоа што коцкарниците се на секои пет метри. Мажите одат во коцкарници, зависноста им се охрабрува со тоа што се отвораат на секој чекор, а жените се заробуваат во еден мачен живот. Ние сме наследиле без борба нешто за кое што некои други се избориле. Немаме реален и навистина фер однос кон претходните геенрации кои се избориле, рече Бојаџиевска.

Според неа, во нашата понова историја женските права дошле „здраво за готово“.

-Ние во нашата историја на женската борба немаме стравични епизоди како што имало во други средини, во Америка, Британија и другите поразвиени држави. Таму „де факто“ крв се леало и жртви паѓале, за да се дојде до ова ниво на женски права. Во Франција правото на жените за абортус е извојувано дури во 1974 година. Пред тоа, било криминализирано. Жените кои што сакале да одлучуваат што ќе прават со своите тела, тие биле априори на криминалната страна, додаде Бојаџиевска.

Таа напомена дека се додека оваа борба не сме ја спровеле самите, проблематично е како ќе зборуваме за освојување на нови подрачја. Подвлече дека е нужно малку повеќе да се освестиме за таа работа, вклучително и за квотите. Квотите, како што рече, се добра работа, меѓутоа сензибилитетот е она што треба да се промени.

-Треба да си помогнеме сите меѓусебно, без делење, со дијалог, со солидарност, со стекнување нови знаења. Токму затоа беше навредливо обраќањето во Собранието. Тоа беше дегутантно краен чин на агресија и тоа треба да се адресира. Јас тука имам верба во претседателката на државата. Претпоставувам дека таа може да вложи повеќе напори да и помогне на таа пратеничка да си ја подигне свеста, додаде Бојаџиевска.

Заменик-шеф на мисија во Амбасадата на Грција во Скопје, Кристина Василатоу потенцираше дека состојбата во Грција во однос на женските права е многу подобра сега, отколку во минатото, но се уште постојат предизвици.

-Ние во државата првпат имавме жена претседателка, но сепак, се уште не сме стигнале таму каде што треба. Верувам дека ни претстои долг пат, особено во дипломатијата. Може да се рече дека дипломатијата се уште е место за мажи, додека жените мора да се докажуваат десеткратно, за да се изборат за своето место во процесот на донесување одлуки. Кога почнав со дипломатската кариера, имав конкуренција што требаше да ја поминам. Бевме 20 и само пет од нив беа жени. Тоа полека се менува, гледаме поголем број на жени, но во нашиот тим жените мора да се борат со многу стереотипи, рече Василатоу.

Таа напомена дека мажите треба да го сменат начинот на гледање на работите и да разберат дека инклузивната дипломатија ќе биде предност за самата земја.

-Сметам дека Грција е добро место за жени, сметам дека мојот глас се слуша, но имам одговорност самата да работам на кревање на свеста како дипломат, и да дадам пример за идните генерации. Да ги освестувам жените кои ке се вклучени во дипломатската служба како да се снајдат во овој свет, кој не им е наклонат и кој е претежно машки. Јас се соочував со многу стереотипи на почетокот на мојата кариера. Мојот совет до младите е нашата сопствена природа, нашата нежност да ја преточиме во моќ. Ова е нашата предност да бидеме чуствителни и отворени во другите држави кои имаат различни ставови, додаде Василатоу.

Според неа, важно да се крене свеста за инклузивноста.

-Во политиката и диломатијата мора да се докажуваш повеќе, некогаш работиш повеќе од колегата од машки пол, а понекогаш таа борба едноставно не може да се добие. Жените имаат семејство и е предизвик да се реализираат еднакво во сите улоги, појасни Василатоу.

Ко-основач и директор на фондацијата „Кантарот“ и менаџер на платформата „Наука за деца“, Драгана Стикова во своето обраќање на панел дискусијата посочи дека не постојат машки и женски професии, туку професии во кои доминираат мажите и професии во кои доминираат жените, подвлекувајќи дека не треба да бидат дискриминирани жените кои работат во професии каде доминираат мажите.

-Жените се повеќе тие кои сакаат да даваат нега, да се грижат за некого, имаај мајчински инстинкт, затоа се повеќе учителки, докторки. Можеби помалку од нив се хирурзи затоа што тоа е помеханичка работа, немаш тука емпатија многу, немаш работа со луѓе. Ако си матичен лекар, имаш одговорност кон пациентот, да воспоставиш контакт со него, за да може тоа да функционира. Не би рекла дека едните области се за жени а другите не. Идејата ми е дека во области каде што има повеќе жени од мажи, во принцип мажите не се дискриминирани, меѓутоа во областите каде има повеќе мажи, како на пример природните науки, има жени, кои се дискриминирани. Јас повеќе би работела на тој проблем, рече Стикова.

Културен продуцент и проектен менаџер во Младинскиот културен центар (МКЦ), Маргарита Арсова зборувајќи за квотите, подвлече дека квотата не е значаен дел од она што е суштината на женската борба.

-Квотите како квоти, не ни бркаат многу работа на нас жените, се додека не ги редефинираме позициите на моќ. Ако која било жена или маж влезе во веќе корумпиран систем, тогаш тој станува дел од тој систем. Меѓутоа, ако го редефинираме системот, тогаш ќе можеме да зборуваме за еднакви права и можности. Треба политиката да се смени, да имаме политика на емпатија, толеранција, на разбирање и заедништво, рече Арсова.