Маск ја проширува услугата на Балканот: Старлинк сега достапен и во Косово


Starlink, глобалната сателитска мрежа во сопственост на SpaceX, компанијата на Илон Маск, објави на социјалната мрежа X дека нејзината услуга сега е достапна и во Косово. Оваа мрежа е развиена со цел да обезбеди брз и сигурен пристап до Интернет низ целиот свет, вклучувајќи оддалечени и слабо поврзани области

Starlink ветува брзини на Интернет споредливи со традиционалните широкопојасни услуги и мала латентност, што овозможува минимално доцнење или прекин во преносот на податоци помеѓу уредите. SpaceX започна да лансира сателити Starlink во 2019 година.

Таа сателитска констелација веќе има близу 7.000 оперативни сателити во орбитата и опслужува околу пет милиони корисници во повеќе од 100 земји, според SpaceX. Тие се надеваат дека ќе го прошират своето мегасоѕвездие на 42.000 сателити. Услугите на Starlink се веќе достапни во голем број земји од Југоисточна Европа, вклучувајќи ги Хрватска, Албанија, Бугарија, Северна Македонија, Романија и Молдавија.

Старлинк исто така одигра клучна улога во обезбедувањето интернет конекција за Украина за време на војната со Русија, особено во услови кога традиционалните комуникациски мрежи беа загрозени или уништени.

Кога руските сили ја уништија телекомуникациската инфраструктура во некои делови на Украина, Старлинк обезбеди стабилен и сигурен интернет преку своите сателити. Покрај воената употреба, Starlink овозможи пристап до Интернет во бегалските кампови и кризните центри, помагајќи им на луѓето да пристапат до информации, здравствени услуги и да комуницираат со семејството и најблиските.