Маск би можел да го изгуби проектот „Златна купола“ по кавгата со Трамп

Улогата на Илон Маск во новиот американски систем за ракетна одбрана е доведена во прашање по расправијата минатата недела помеѓу милијардерот претприемач и американскиот претседател Доналд Трамп, изјавија за Ројтерс три лица запознаени со проектот.
Белата куќа до неодамна разгледуваше план за „Спејс Екс“, ракетниот и сателитскиот потфат на Маск, да соработува со производителот на софтвер „Палантир“ и производителот на дронови „Андурил“ за изградба на клучни елементи од проектот, наречен „Златна купола“. Администрацијата му наложи на Пентагон да даде приоритет на мрежа од сателити за таа цел, велат изворите, зборувајќи под услов на анонимност.
Се разгледуваат алтернативни решенија
Но, сега се разгледува нова рамка за системот, чија цел е да ги следи и спречува можните ракетни напади врз САД, што би можело да ја намали улогата на „Спејс Екс“. Една опција, велат три извори на Ројтерс, би била да се откаже од сателитските капацитети на „Спејс Екс“ и да се фокусира на проширување на постојните системи за ракетна одбрана на копно.
Во соопштението, портпаролот на Белата куќа рече дека „администрацијата на Трамп е посветена на ригорозен процес на преглед за сите понуди и договори“. Висок функционер на Министерството за одбрана изјави дека Пентагон „нема најави во врска со идните договори поврзани со напорите за „Златна купола“.
„Спејс Екс“, „Андурил“ и „Палантир“ не одговорија на барањата на Ројтерс за коментар.
Прв удар врз бизнисот на Маск по расправијата со Трамп
Намалената улога на „Спејс Екс“ ќе биде првиот познат удар врз обемниот бизнис на Маск со американската влада откако се раздели со Трамп минатата недела.
Промената во плановите, особено за проект што Трамп го нарече најважен за одбранбената стратегија на САД, исто така ја нагласува високо персонализираната природа на раководството на претседателот, велат експертите за воздухопловство и одбрана.
Во изјава за Ројтерс, Белата куќа изјави дека секоја одлука ќе биде донесена „со приоритет на најдобриот договор за Америка и искористување на најнапредната и најиновативната технологија“.
Трамп во мај изјави дека одбранбениот штит треба да биде оперативен до крајот на неговото претседателствување, јануари 2029 година. Но, експертите од индустријата изјавија дека тој временски рок и проектираните трошоци од околу 175 милијарди долари може да бидат премногу оптимистички.