Марија Роглева во топ пет на финалето на „Пјер Карден“ во Атина


Во импресивниот амбиент на Божиќниот театар во Атина, пред многубројна публика на 4 октомври се одржа големото финале на европската награда за млади модни дизајнери, под патронство на модната куќа Пјер Карден.

Студентката Марија Роглева од Факултетот за арт и дизајн ја освои втората награда и со тоа се пласираше во петте најдобри учесници, во конкуренција на 450 пријавени студенти од повеќе европски земји. Ова е голем успех за младата дизајнерка, која го доближи Европски универзитет и нашата држава до успесите на реномираните европски школи за уметност и дизајн.

Тринаесетте финалисти се претставија со свои креации на заедничка модна ревија. Тројцата добитници на првата награда ќе остварат четиримесечна пракса во студиото на Пјер Карден во Париз. Втората награда, која ѝ беше доделена на Марија и на уште еден учесник, се состои од статуетка и диплома. Наградите на добитниците им ги додели лично Родриго Базиликати – Кјарден, претседател на групацијата Пјер Карден.

Во Атина, Марија Роглева од Богданци ја придружуваше проф. д-р Гордана Вренцоска, под чие менторство се правеа подготовките за финалниот настап.Тие имаа прилика да поразговараат со претседателот на куќата Карден, и да му се заблагодарат за можноста и поддршката што оваа компанија им ја дава на младите модни дизајнери.

Во рамки на целовечерниот настан беше одржана мултимедијална балетска претстава „Танц на галаксиите“, а потоа се одржа модна ревија на висока мода на брендот Пјер Карден. Настанот го проследија повеќе од 1.500 посетители, а беа присутни и новинари од неколку земји.

„Среќна сум за својот постигнат успех, кој го доживувам како голема мотивација за иднината“, изјави Марија по финалето.