„За нас“ – Каролина Гочева во нова кампања блеска во црвено


Поп-ѕвездата и модна икона Каролина Гочева блеска во елегантна црвена долга тоалета, како поп дива, за време на концерт во Филхармонија, во сцени од новата рекламна кампања на телекомуницискиот оператор А1 Македонија, по повод нивниот седми роденден на македонскиот пазар. Таа го пее нејзиниот хит од 2000 година, „За нас“ на тандемот Дарко Димитров (музика) и Александар Ристовски-Принц ( текст) кој се најде и на нејзиниот деби албум „Јас имам песна“ (2000), но во поинаква верзија, со симфониски оркестар и пред полна сала, за потребите на спотот.

Спотот во кој се појавува и познатиот манекен Кристијан Георгиев со ќерката, ги слави луѓето од сите генерации зашто „зад секоја наша инвестиција, иновација и услуга стојат луѓето, а ние сме тука да ги поддржиме и да го помогнеме нивниот напредок“ , истакна денес на промоцијата на новата комуникациска платформа,  Методија Мирчев, главен извршен директор на А1 Македонија.

За изгледот на Гочева која блеска со долга, брановидна коса, од поодамна е задолжен тандемот-дизајнерката Јована Филиповиќ и стилистката Јована Зука, а за префинетата шминка се погрижи Дарко Мишовски.

Каролина по втор пат е во главната улога во спот за телекомуникацискиот оператор, по оној во 2024 година,  „Животот е прекрасен со тебе!“ со стиховите на нејзината песна „Сакај ме“. (Л.С.)