На 81 година почина актерот Тим Хари
Лос Анџелес – Тим Кари, карактерниот британски актер кој се прослави во претставата „Роки хорор шоу“ и нејзината филмска верзија, почина во Лос Анџелес на 81 година.
Според TMZ, Кари починал доцна во вторникот навечер во својот дом во Лос Анџелес. Полицијата потврди дека добила повик од неговата адреса во 23:23 часот, но нема индикации за нечесно дело.
Иако имаше актерска кариера од речиси шест децении, таа остана обележана со улогата на д-р Френк Н. Фуртер, „слаткиот травестит од транссексуалната Трансилванија“ во музичката комедија на Ричард О’Брајан.
Кари првично го оживеа ликот на сцената во Лондон, го донесе во театрите во Лос Анџелес и Њујорк, а потоа го пренесе и во филмската адаптација на Џим Шарман од 1975 година. Филмот не беше успешен, но со тек на време се стекна со култен статус.
На врвот на популарноста на „Роки шоу“ кон крајот на 1970-тите, Кари потпиша договор со „Еј енд Ем рекордс“ и сними три рок албуми.
Пред да се прослави со „Роки шоу“, Кари веќе имаше богато искуство во театар, вклучувајќи мјузикли. Наспроти ова, никогаш не достигна филмска слава соодветна на неговите таленти, иако оствари незаборавни улоги во мјузиклот „Ени“, култниот хорор „Тоа“, „Тројцата мускетари“ и во комедијата „Сам дома 2“.
И покрај нарушеното здравје, продолжи да работи до крајот на животот.