Маричиќ: Нашата блокада во моментот има име и презиме, тоа е ВМРО-ДПМНЕ

Вицепремиерот оцени дека засега нема изгледи да се донесат уставните измени, но ќе продолжи убедувањето на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ


Фото: Б. Грданоски

 

Нашата блокада во моментот има име и презиме, тоа е ВМРО-ДПМНЕ и пратениците на ова партија кои решија свесно, со политичка одлука, да ја блокираат својата држава во натамошниот тек на преговорите, рече денеска вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ.

Тој оцени дека засега нема изгледи да се донесат уставните измени, но владејачката коалиција не се откажува и ќе продолжи до последниот ден од мандатот на овој собраниски состав да разговара и да ги убедува колегите од ВМРО-ДПМНЕ да не ја блокираат државата и на дело да покажат дека навистина се за ЕУ.

Според Маричиќ, од декемврискиот Самит на ЕУ се очекуваат охрабрувачки пораки, но не и, како што истакна, нешто спротивно од напишаното во Преговарачката рамка и во она што на земјава и е зададено како обврска уште минатата година.

„Треба да го пречекаме декемврискиот самит. Ние очекуваме да има охрабрувачки пораки, но секако, не можеме да очекуваме да се случи нешто спротивно од она што е напишано во Преговарачката рамка и во она што ни е зададено како обврска уште минатата година. Нашата блокада во моментот има име и презиме, тоа е ВМРО-ДПМНЕ. Скринингот ќе заврши во првата недела од декември, ние ги подготвуваме и ќе ги испратиме оние патокази што ни се обврска од крајот на скрингот во Првиот кластер и тука ќе застанеме доколку не се завршат уставните измени, а бидејќи во моментот тоа нема изгледи да се счлучи, треба да очекуваме застанување. Но, ние не се откажуваме од тоа до последниот ден на мандатот од овој собраниски состав, да разговараме и да ги убедуваме колегите од ВМРО-ДПМНЕ да не ја блокираат сопствената држава, да не влезат во еден вител, во еден тунел во кој веќе еднаш нѐ внесоа во 2008 година и да соберат сила заедно да го направиле овој потег и одговорноста ќе биде заедничка, но и поените за да докажат на дело дека навистина се за ЕУ ќе бидат заеднички“, изјави Маричиќ, одговорајќи на новинарски прашања по посетата на Општина Ѓорче Петров.

За новата ЕУ кампања што треба да се реализира догодина, Маричиќ ги упати новинарите детали да побараат во Владата.

„Кампањата е координарана од Владата и таму треба да побарате детален одговор. Сметам дека е важен секој разговор како европските пари може да помогнат во секоја општина и секое населено место зашто искористувањето на ИПА фондовите за инвестиции прават разлика. Нашата одлука да разговараме и да известиме и за грижите и за досегашните и за новите проекти, мислам дека нема никаква штета секој ден да се разговара повеќе за тоа, зашто нашата стратешка определба е таму и ние треба да извлечеме максимум од тој процес. Сега имаме нов План за раст, ќе треба да се заинтересираат и бизнисите и граѓаните. Оваа Влада покажа на дело дека ги качува платите и пензиите постојано, не е исклучено едно и друго, треба да се прави и едно и друго. Најкоренто е, како за секој јавен повик и тендер, да ги прашате оној што ги распишува. За кампањата од СЕП имав специјален брифиг, секогаш сум подготвен да разговарам, но за ова ќе треба да прашате во Владата“, порача Маричиќ.

Од ВМРО-ДПМНЕ му одговорија на вицепремиерот дека европската агенда била блокирана поради „неспособноста и криминалот на владата“.

„Не знаеме дали Маричиќ, бил на винскиот саем во Белград, но по изјавите и постапките потврдува дека бил и дека уживал во доброто вино. Факт е дека виното му штети, затоа да бидеме сериозни подобро е да пие витамини, наместо вино. Маричиќ е министерот кој го има најлошиот извештај на Европската Унија досега. Со Маричиќ, СДС и ДУИ, ЕУ е само далечна желба наместо реалност на која треба да работиме“, стои во соопштението на опозициската партија.

На ова реагираа од СДСМ: „Да беа информирани во ДПМНЕ ќе знаеја дека Маричиќ не беше во Белград поради тоа што изминатите денови го испрати засекогаш својот најдобар другар и соработник, прерано починатиот експерт за дигитални комуникации, Илија Жупаноски. Да имаа во ДПМНЕ грам човечност, ќе изразеа сочувство, заради големата загуба за македонското општество“.