Манабе, Хаселман и Паризи добитници на Нобеловата награда за физика


Оваа година добитници на Нобеловата награда за физика се Сјукуро Манабе, Клаус Хаселман и Џорџо Паризи „за револуционерниот придонес на нашето разбирање на сложените физички системи“, соопшти денеска Шведската кралска академија во Стокхолм.

Манабе и Хаселман се наградени за физикото моделирање на варијабилноста на Земјината клима и фактичко предвидување на глобалното загревање, а Паризи за откривање на меѓуодносите и флуктуацијата во физичките системи од атомски до планетарни размери.

Лани, Нобел за физика добија научниците Роџер Пенроуз, Рејнхард Генсел и Андреа Гез за откритието на феномените на вселената – црните дупки.

Нобеловите награди постојат благодарение на шведскиот научник и индустријалец Алфред Нобел, кој го пронајде динамитот, а сакаше неговиот фонд секоја година да издвојува пари за придонес кон човештвото.

Нобеловата награда се состои од златен медал, диплома и чек на девет милиони круни (околу милион евра), а паричната награда се дели ако има повеќе лауреати во една дисциплина.

Церемонијата на врачување награди традиционално се одржува на 10 декември, на денот на смртт на Алфред Нобел, во Стокхолм, само наградата за мир се доделува истиот ден во Осло, Норвешка.