Малку дебата за економијата
Опозицијата постојано зборува дека власта е неспособна да се справи со економската и здравствената криза, но наместо нејзини решенија за излез во дебатата во Собранието по повод изборот на нова влада, најави протести и излегување на улица
Иако сме во екот на економска криза предизвикана од пандемијата со КОВИД-19, на првиот ден од дводневната дебата во Собранието за избор на нова Влада, пратениците малку внимание посветија на клучните економски проблеми. Мандатарот Зоран Заев во експозето сублимирано ги кажа приоритетите кои се подетално разработени во предлог програмата за работа на владата, истакнувајќи е важно од кризата да излеземе со што помалку поседици и брзо да се вратиме на претходните стапки на траст.
„Имаме план за иновативна, стабилна, конкурентна македонска економија подготвена да одговори на новите предизвици и да понуди шанса за секој“, рече Заев, елаборирајќи ги мерките што предвидува да ги преземе владата во наредните четири години во областа на даночната политика, вработувањата, инфраструктурата, екологијата…
Но, за пратениците се чини тоа не беше доволен предизвик да поведат посуштинска дебата што треба итно да се преземе за да му се помогне на стопанството и на граѓаните за да ги пребродат најтешките месеци од корона кризата, туку и за идните мерки во економијата. Таквиот тон го даде и опозицијата, која постојано зборува дека власта е неспособна да се справи со економската и здравствената криза, но наместо нејзини решенија за излез, најави протести.
Сепак, една од ретките конструктивни дебати на тема економија се разви меѓу поранешниот министер за земјоделство во владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, Љупчо Димовски и мандатарот Заев.
Димовски во својата дискусија му забележа на Заев дека во експозето земјоделството се споменува само еднаш, иако во предлог програмата на владата е наведено дека претставува втор сектор според учество во бруто националниот доход.
„Ова претставува груба навреда за сите земјоделци кои што се вклучени во процесот на земјоделското производство, а не се малку со оглед што овој сектор има исклучителна важност за стопанството и воопшто за целата држава од неколку аспекти – пред се од финансиски, од економски аспект и најмногу од социјален аспект. Над 400 илјади луѓе се вклучени во производство на земјоделски производи, дополнително и гранки кои што се поврзани со земјоделството“, рече Димовски.
Тој додаде дека овој сектор не заслужува таков однос и поради тоа што во програмата е наведено дека 200 милиони евра ќе бидат вбризгани во земјоделството. Според него, овој сектор во изминатите години споредено со претходниот период забележал пад од 5 проценти, а во 2019 споредено со 2016 година падот бил дури 13,5 проценти.
Тој исто така рече дека минатата влада во својата програма имала околу 165 мерки во областа на земјоделството, од кои 85 проценти се нереализирани, а другите кои биле реализирани биле наследени од претходната влада.
„Извозот на земјоделските производи има пад од 3,7 проценти додека увозот е зголемен за 1,1 процент, при што Државниот завод за статистика бележи пораст на трошоците во самото земјоделско производство, на што јас предупредував“, рече Димовски.
Посебен акцент стави на проблемите во лозарството, кои, како што потенцира се опасни.
„Првиот работен ден откако ќе го испие го кафето, новиот министер за земјоделство веднаш да се упати во Кавадарци и да го регулира откупот на грозјето“, порача Димовски, според кого ситуацијата меѓу лозарите е опасна бидејќи откупната цена која тие ја добиваат од винарските визби е прениска.
„Четири денари е откупната цена за смедеревката, а седум денари за вранецот. Тешко на таа влада, тешко на министерот ако се согласи на ова. Откупната цена треба да биде 18 денари за килограм. Не ги слушајте винарските визби што зборуваат, слушајте го гласот на лозаропроизводителите, секогаш се тие во право. Во регионот и пошироко откупната цена за килограм грозје е 30 евроценти. Така мора да биде и во Македонија“, рече тој, додавајќи дека винариите не треба да ја сечат гранката на која што седат.
„Во земјава има 26 илјади хектари лозови насади. Ако оваа година не успееме, заборавете на лозаропроизводство и на винарство во Македонија“, рече Димовски.
Со ваквата дискусија Димовски „заработи“ благодарница од Заев кој го покани да работат заедно и да придонесе со своето искуство да се решаваат проблемите во земјоделството.
Во однос на акутната состојба со откуот на грозјето Заев посочи дека е на повидок решение – четири денари субвенции за килограм грозје, со што ќе се достигне минатогодишната откупна цена на смедеревката и вранецот.
„Се потрудивме да ја постигнеме најмалку ланската откупна цена која што беше 15 денари со 13 денари, заедно со двата денари субвенција од владата. Оваа година откупната цена на партнерски основ – потврдија сите визби, ќе биде 11 со девет денари, при што владата ќе интервенира со четири денари за да може да постигнеме 15 со 13 денари. Нема да застанеме тука туку 2,5 милиони евра од 5-те предвидени во буџетот ќе одат директно за двата денари субвенција, а останатите 2,5 милиони евра ќе одат за поддршка на транспортните трошоци за извоз на наливното вино и на флашираното вино“, рече Заев објаснувајќи дека ќе се субвенционираат трошоците за транспорт во износ од 30 отсто за флашираното вино и 20 отсто за наливното се со цел да се испразни вишокот количини.
Во однос на другите забелешки за секторот земјоделство, Заев рече дека субвенциите се зголемени – од 2017 година кога биле реално исплатени околу 90 милиони евра стигнале до 135 милиони евра, со тоа што наместо кон правни субјекти, сега најголемиот дел од субвенциите одат кон оние на кои тие им се најпотребни – индивидуалните земјоделци.
„Се градат и системи за наводнување, акумулации… Кога зборуваме за 200 милиони евра за земјоделството и руралнуот развој, зборуваме за субвенции, но и за сето она што значи поддршка на земјоделството. Како тампонирање и пробивање на полските патишта, системите за наводнување, акумулациите, комплетно целата инфрастурктура, за да поттикнеме враќање на село и да ги вратиме и младите на село“, рече Заев, додавајќи дека една од целите е таканаречената зелена нафта која што ја користат земјоделците, целосно да биде бесплатна за нив, за што се тргнало од 30 отсто, па 50 отсто, а во наредниот период и 100 проценти.
Економијата беше тема на дискусија и помеѓу мандатарот Заев и пратеникот на Левица, Борислав Крмов кој забележа дека во програмата владата се откажува од прогресивниот данок, односно дека е предвиден инклузивен процес на разговори и консензус за воведување прогресивен данок.
„Смешно е да се очекува крупниот капитал самоинклузивно да се согласи да се даночи. Ако сакате го даночите крупниот капитал треба да се собере храброст и да го искористите државниот апарат“, рече Крмов.
Во однос на укинувањето на ДДВ за увоз на суровини и машини, тој забележа дека тоа значи префрлање на средствата од буџетот во џебовите на странските инвеститори во слободните економски зони.
„На овој начин и домашното производство на суровини се става во ситуација да изумира. Продолжувате со штетната политика на наградување на странските инвестиции“, рече Крмов кој не се согласува ниту со мерката за намалување на персоналниот данок за вработените во ИТ секторот, со оглед што станува збор за вработени кои имаат едни од највисоките плати во државата. Тој смета дека даноците би требало да се намалат за оние кои едвај месечно врзуваат крај со крај.
Заев одговори дека за 300 отсто е зголемена социјалната помош, а во однос на прогресивниот данок, рече дека се повлекле откако увиделе дека државата губи и јавно признале дека треба да се доработи концептот и понатаму со консензус, во кој ќе учествуваат и синдикатите и работниците да се донесе вистинско решение.
„Дефинитивно имаме голема разлика меѓу економските слоеви во општеството, дефинитивно треба сите да работиме да ги намалиме ваквите економски разлики“, рече Заев, но додаде дека не смеат да се заборават зголемувањето на минималната плата од 9.000 на 14.500 денари, зголемувањето на просечната плата, покачувањата на платите на лекарите, професорите, културните работници, вработените во детските градинки.
„Не знам зошто останувате во опозиција. Според мене со една ваква дискусија имаме една убава можност за соработка, затоа што вредностите за кои зборувате се застапени во концептот едно општестово за сите“, му рече Заев на пратеникот од Левица. (Н.В.)