Мали, а големи во свирењето: Јан Стефановски и Иван Кукиќ се новите музички ѕвезди


По години мали, по свирење се големи. Имаат звучни презимиња, а и личат на татковците.

Тие се Јан Стефановски (18) и Иван Кукиќ (21) – двоецот на тапани и бас-гитара од „Влатко Стефановски трио, верзија 3“ кои стануваат новите музички идоли на македонската сцена со својата професионалност и скромност. Едниот од Скопје, другиот од Струмица, ама европски воспитани. Нивното време допрва доаѓа, ама уште на стартот ја имаа шансата да свират во Скопје на иста сцена со светската музичка ѕвезда Стинг.

Ексклузивно за „Независен весник“ ни позираа на детско игралиште во Скопје, додека нивните татковци Влатко Стефановски и Горан Кукиќ се освежуваа во блиското кафуле. Ни открија кои се, но ни раскажаа и за нивните планови.

 

 Јан Стефановски: Не чувствувам притисок поради презимето

 

Музичар си по талент или зашто татко ти е Влатко Стефановски?

– Сметам дека има нешто по малку и од двете. Со оглед на тоа што од мал ме привлекува музиката, можам да кажам дека и генетиката и надворешните фактори имаат удел во тоа како се формираа моите погледи кон музиката.

Дали почна со гитара или директно на тапани?

– Директно почнав со тапани. Ги паметам првите проби на татко ми со неговото претходно трио, и паметам дека погледот постојано ми беше вперен кон тапанарот. Изгледа љубовта кон тапаните била и ќе остане вродена.

Кои совети ти ги даде татко ти Влатко?

– Татко ми постојано ми велеше да вежбам упорно и самоуверено. Ми има дадено многу совети за тоа како е да се има музичка кариера, но еден од советите што најмногу ми има оставено впечаток и секогаш ќе го паметам е следниов: „Во овој бизнис, ако не си најдобар, не си никој“. Звучи малку сурово, но така е.

Дел си од „Влатко Стефановски трио“, а имаш 18 години. Колку обемниот и значаен репертоар што го свирите ти е притисок, а колку ти причинува задоволство?

– Репертоарот што го свирам со триото на татко ми ми претставува огромно задоволство. Не чувствувам никаков притисок бидејќи песните лично многу ги сакам и многу сакам да ги свирам.

По колку часови дневно имате проби?

– Јас секојдневно вежбам и свирам по 2-3 часа. Некои денови и татко ми ќе ми се придружи, но обично сами си вежбаме со нашите сопствени мисли. Како и да е, кога имаме концерт, имаме по 3-часовни проби заедно со басистот Иван Кукиќ.

Која ти е најомилена песна од вашиот репертоар?

– Не можам да кажам дека имам една омилена песна од нашиот репертоар, но ако веќе треба да одберам би ги одбрал песните од албумот „Као какао“ од 1987. Тој ми е апсолутно омилен албум од „Леб и Сол“ и многу ме радува фактот што ги свириме песните: „Скопје“, „Као какао“, „Чувам ноќ од будних“ и „Мамурни људи“.

Матурант си, заврши во „Нова“. Дали и во иднина се гледаш во музиката?

– Да, јас во иднина се гледам во музиката. Би сакал да продолжам да свирам со татко ми, но исто така имам план да се запишам на Факултетот за музичка уметност и уште повеќе да си ги проширам музичките хоризонти.

Која музика ја слушаш приватно и дали имаш музички идол?

– Во приватниот живот слушам бендови како: „Полис“, „Битлси“, „Тото“, и екс-ју бендови како ЕКВ, „Прљаво казалиште“, „Бјело дугме“ и дури „Леб и Сол“. Има уште многу бендови што ги слушам и ги сакам, но во текот на денот најчесто ги слушам овие.

Кое е твоето хоби?

– Моето хоби е свирење тапани. Пред неколку месеци секојдневно возев велосипед, но за жал ми го украдоа, па затоа сега повеќе се фокусирам на свирењето.

Како се согласувате со Иван Кукиќ?

– Односот со Иван Кукиќ ми е сосема пријателски и многу добро се согласуваме, и од човечки и од музички аспект.

 

Иван Кукиќ: Маестро Влатко нè охрабрува

 

Музичар си по талент или зашто твоите родители Горан и Ленче Кукиќ се музичари?

– Потекнувам од музичко семејство и уште од мал ја имам љубовта кон музиката, свирам на повеќе инструменти – бас-гитара, контрабас, клавир, гитара и народни инструменти. Ги сакам сите инструменти бидејќи секој инструмент си има своја убавина, но сепак мој омилен инструмент е бас-гитарата.

Твоите родители се познати во народната музика, а ти во поп-музиката. Што беше пресудно да засвириш бас-гитара?

– Уште како мал слушав секаков вид музика, па и денес стилски не можам да се определам. Сакам сè што е убаво, и да го слушам и да го интерпретирам. Пресудниот момент за да почнам да свирам бас-гитара беше многу интересен. Кај нас во студиото се снимаше еден материјал каде што мојот чичко свиреше бас-гитара и имаше една нумера каде што басот имаше фантастична линија интерпретирана од чичко ми и јас буквално секој ден го слушав тоа. Еден ден ми дојде идеја да ја земам гитарата на чичко ми и јас да пробам да го свирам истото. Со многу труд успеав во тоа и од тогаш бас-гитарата ми стана прв инструмент.

Кои совети ти ги дадоа родителите?

– Моите родители се мојата најголема поддршка и секогаш најдобрите совети ги добивам од нив.

Како дојде до соработката со Влатко Стефановски?

– Со маестро Влатко Стефановски стапивме во контакт преку еден наш заеднички пријател, и така, по некое време, Влатко дојде до идеја да ме покани да бидам гостин на неговиот концерт во Нови Сад. Тоа за мене е едно прекрасно искуство и голема чест што имав можност да свирам заедно со него. Пресреќен сум што таа соработка продолжува.

Дали неговиот обемен и значаен репертоар ти беше предизвик, имаше ли трема?

– На секој досегашен настап маестро Влатко Стефановски со своето огромно искуство и квалитет на најпрофесионален начин нè охрабрува и ни шири една прекрасна енергија и позитива да се чувствуваме сигурни во тоа што го правиме. Секогаш имам позитивна трема и за време на настапите чувствувам голема одговорност.

Каде живееш? Кажи ми нешто повеќе за твоето образование и хоби?

– Повеќе сум во Белград бидејќи таму сум студент на Факултетот за музичка продукција и дизајн на звук и се трудам да најдам некој баланс помеѓу факултетот и настапите со „Влатко Стефановски трио“. Се надевам дека најпрофесионално ќе одговорам и на двете страни.

Како се согласувате со Јан Стефановски?

– Со Јан имаме прекрасна соработка и се надевам дека заедно ќе се трудиме да одиме напред.

Која музика ја слушаш приватно и дали имаш музички идол?

– Имам повеќе басисти што ги земам како инспирација, но најмногу ги слушам Виктор Вутен, Џако Пасториус и Маркус Милер.

Што очекуваш во иднина?

– Во иднина ќе оставам времето да покаже што ќе се случува, нормално сите си имаме соништа и треба многу труд и работа да ги оствариме.

 

Лејла Сабит    Фото: Борис Грданоски