Мал пазар, големи идеи: Како науката може да ја промени македонската иднина
Во новата епизода на „Што го врти светот?“, Виктор Митевски зборува за науката како извор на работни места, стартапи и практични решенија, но и за тоа што треба да направиме за македонските идеи да стигнат до европскиот пазар.
Може ли код напишан во Скопје еден ден да му помогне на лекар во Виена? Може ли анализа на почвата направена во Штип да стане решение што ќе го користат земјоделци низ Европа?
Одговорот е: да, а дел од тоа веќе се случува.
Во новата епизода на „Што го врти светот?“, гостува Виктор Митевски, соосновач и извршен директор на Здружението за истражување и анализи ЗМАИ, кој по четврти пат се приклучува во разговор за темите што ја обликуваат иднината на Македонија.
Разговорот го отвора и прашањето како една мала земја може да стане конкурентна со вложување во наука. Наместо големината на пазарот да се гледа како слабост, Македонија може да ја користи како простор за тестирање нови решенија. Локалните предизвици во земјоделството, управувањето со отпадот, климатските промени, здравството и образованието можат да станат основа за технологии применливи многу подалеку од нашите граници.
Митевски посочува дека иновациите не започнуваат само тогаш кога има доволно финансии, туку со слобода за размислување. Идеите треба да се тестираат со факти, но креативноста не смее да се задушува уште на почетокот, особено од страна на наставниците и професорите кои, напротив, треба да ги поттикнуваат младите да истражуваат, да експериментираат, да учат од сопствените грешките и да се трудат да размислуваат како да ги решаваат проблемите, наместо само да зборуваат за нив.
Токму тука се отвора можноста за универзитетите: магистерските и докторските трудови да не завршуваат само во архивите, туку да прераснуваат во прототипи, стартапи и производи. Применетата наука може истовремено да реши локален проблем, да создаде квалитетни работни места и да отвори пристап до меѓународни пазари.
За да се искористи овој потенцијал, Митевски издвојува три приоритети: паметно инвестирање во наука, насочено кон резултати; поголема искористеност на европските фондови преку механизми за кофинансирање и стручна поддршка; и создавање образовна средина во која младите ќе добијат знаење, менторство, мрежи и ресурси за слободно да создаваат.
Македонија можеби е мал пазар, но тоа не значи дека мора да создава мали идеи. Со наука, соработка и храброст да се истражува новото, локалното знаење може да стане европско решение.
Погледнете ја новата епизода и размислете кој проблем во вашата средина би можел да стане следната голема идеја?
Оваа епизода на „Што го врти светот“ е изработена со финансиска поддршка од Шведска преку проектот „Поддршка за европската интеграција на Северна Македонија“, имплементиран од Канцеларијата на Обединетите нации за проектни услуги (УНОПС). Содржината е единствена одговорност на тимот на Здружението ЗМАИ и на никаков начин не може да се смета дека ги одразува ставовите на Шведска и УНОПС