Макрон свика средба со политичките лидери во Франција -без крајната десница и радикалната левица

Францускиот претседател Емануел Макрон денеска попладне ќе ги прими во Елисејската палата лидерите на главните политички партии во земјата, но на состанокот нема да бидат поканети водачите на радикалната левица и крајната десница, јави телевизијата БФМ ТВ.
Средбата се одржува во момент кога Макрон треба да избере нов премиер – шести по ред во рамки на неговиот втор претседателски мандат.
Политичката криза во Франција се продлабочи во понеделникот, кога назначениот премиер Себастијан Лекорну поднесе оставка само неколку часа по објавувањето на составот на неговата влада. Тој ја образложи одлуката со недостигот на целосна поддршка во рамки на владејачката коалиција и со, како што рече, „преголеми лични амбиции“ на некои политичари.
Макрон го задолжи Лекорну да одржи дводневни консултации со партиите, на кои беше постигнат консензус дека најитен приоритет е усвојувањето на буџетот за наредната година, во услови на голем буџетски дефицит.
По завршувањето на консултациите, Лекорну изјави дека Макрон ќе именува нов премиер во рок од 48 часа.
Според медиумите, можно е претседателот да избере премиер од редовите на левицата, но не се исклучува и повторна номинација на Лекорну. с