Макрон: Годините што доаѓаат нема да бидат мирни, Франција ќе го крене гласот


Емануел Макрон, со звуците на европската химна „Ода на радоста“, старо-новиот претседател,  пристигна под Ајфеловата кула, придружуван од неговата сопруга Брижит и децата, како симбол на неговата програма за новиот петгодишен мандат кој сака да биде во знакот на децата.

На почетокот од неговото обраќање на естрадата пред Ајфеловата кула на Полињата на Марс, симболично избрано место со универзалноста на Ајфеловата кула како декорација за новоизбраниот претседател, место кое му беше одбиено во 2017 година, тој им се заблагодари на сите ние кои гласаа за него.

„Сакам да им се заблагодарам на сите Французинки и Французи кои ми ја дадоа довербата за да го реализираме нашиот проект за понезависна, посилна Франција, да се осигураме дека проектите ќе се реализираат и да ја направиме Франција голема еколошка нација“, рече Макрон.

Притоа тој  нагласи дека  „не е повеќе кандидат на еден табор, туку претседател на сите Французи“.

„Знам и дека многу сонародници гласаа за мене, за да ги блокирам идеите на крајната десница. Сакам да им се заблагодарам и да им кажам дека сум свесен дека овој глас ме врзува за годините што доаѓаат. Јас сум чувар на нивната приврзаност кон Републиката… Мислам и на сите наши сонародници кои апстинираа, нивниот молк значеше одбивање да изберат, на што мора да одговориме“,порача  реизбраниот претседател.

Макрон притоа им наложи на своите активисти да не „свиркаат“ кога ја спомнува Ле Пен.

„Од самиот почеток ве замолив никогаш да не свиркате. Затоа што, отсега повеќе не сум кандидат на еден табор, туку претседател на сите. Знам дека за многу наши сонародници кои ја избраа екстремната десница, гневот и несогласувањата што ги наведоа да гласаат за овој проект, не принудуваат да најдеме одговор. Тоа ќе биде наша одговорност и наш проект. Мораме ефективно да одговориме на изразениот гнев. Денес избравте хуманистички, амбициозен проект за независност на нашата земја, за Европа.Европски проект, социјален, еколошки, заснован на работа и создавање, проект за ослободување на нашите академски сили. Сакам да го носам овој проект со сила во годините што доаѓаат со тоа што ќе бидам складиште на поделбите што се изразени и разликите и со тоа што ќе осигурувам почит за сите, секој ден и ќе продолжам да работам за поправедно општество и еднаквост меѓу жените и мажите, рече Макрон, поздравен со аплаузи.

Потоа тој се сврна и на својата идна надворешна политика.

„Годините кои доаѓаат нема да бидат мирни. Ќе мораме да бидеме амбициозни. Војната во Украина е тука, за да не потсети дека Франција мора да го крене гласот за да ја покаже јасноста на своите избори и да ја покаже својата сила во сите области, истакна  Макрон.

„Ќе мораме да бидеме добронамерни и со почит, бидејќи нашата земја е потопена во толку многу сомнежи, толку многу поделби. Никој нема да биде оставен на страна. Од нас ќе зависи заедно да работиме за ова единство преку кое ќе можеме да живееме посреќно во Франција. Годините што доаѓаат секако нема да бидат тивки, туку ќе бидат историски, а ние ќе можеме да ги напишеме за нашата генерација. Оваа нова ера нема да биде континуитет на петгодишниот период кој завршува, туку обнова за да се направи подобро. Секој од нас ќе мора да се посвети на тоа. Тоа е она што го прави францускиот народ, оваа единствена сила, што го сакам толку длабоко, толку интензивно и што сум толку горд што повторно служам, порача во победничкиот говор  44-годишен Макрон.