Макрадули: Повеќе солидарност, кон луѓето и природата

На иницијатива на заменик-министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули, а во организација на Фондацијата Фридрих Еберт, канцеларија Скопје и Еко-свест, Центарот за истражување и информирање за животна средина, преку видео-конференција се одржа средба на тема „Митови и факти за влијанието на коронавирусот врз животната средина“.
Како што соопшти владината прес-служба, заменик-министерот Макрадули остварил видео-конференција со Ева Елерајт од Фондација Фридирх Еберт, канцеларија Скопје и Ана Чоловиќ Лешоска од Еко-свест, Скопје и Франциска Веингер, Фондација Фридрих Еберт МЕНА.
– Новиот договор треба да понуди рамка за преобликување на општеството, како и нов начин на размислување. Она што беа дел од мерките за време на пандемијата со КОВИД-19, мора да станат дел од нашето секојдневие. Може секој петок да се работи од дома. Среда да е ден без автомобили. Еднаш неделно да се учи преку електронските образовни платформи, нагласил Макрадули.
Дополнително, според него, во краток период треба да се прогласат повеќе подрачја и видови за заштитени. Природата преку „Nature Based Solutions“ да ја пренесеме во урбаните центри, додека транспортот преку smart mobility.
– Во новата „нормалност“ мора да влеземе со повеќе солидарност, каде што секој ден ќе биде Ден на планетата Земја. Повеќе солидарност и кон луѓето и кон природата, истакнал заменик-министерот Макрадули.