Македонските кошаркари со максимални шест победи ги завршија европските претквалификации
Луксембург – Македонската машка кошаркарска репрезентација ја заврши првата фаза од претквалификациите за пласман на Евробаскетот 2029 со максимален ефект, откако вечерва триумфираше и на гостувањето во Луксембург со 80:66 и со шест победи во исто толку натпревари убедливо го освои првото место во групата „А“.
Со уште едно сигурно издание, македонските кошаркари потврдија дека поседуваат квалитет што го надминува претквалификациското ниво.
И покрај бројните кадровски промени, избраниците на селекторот Жозеп Марија Берокал одиграа уште еден зрел и дисциплиниран натпревар. Во Луксембург не допатуваа Андреј Јакимовски и Марко Луканоски, а на местото на Ди-Џеј Стјуард дебитираше Нејт Сестина. Дополнително, стручниот штаб реши да му даде одмор и на капитенот Војдан Стојановски.
Со само деветмина активни кошаркари во ростерот, македонската репрезентација уште од самиот почеток ја наметна својата игра и агресивната одбрана и добрата реализација донесоа водство од 23:15 по првата четвртина.
Во вторите десет минути, македонските кошаркари одиграа уште поквалитетно. Разликата постојано растеше, а на полувремето Македонија веќе имаше убедливи 46:27.
Луксембург успеа да возврати во третата четвртина, која ја доби со 22:17 и ја намали негативата на 49:63, но тоа беше сè што домашниот состав успеа да направи. Во последниот период, избраниците на Берокал повторно ја стабилизираа играта, не дозволија неизвесност и рутински го приведоа натпреварот до крај.
Дебито во македонскиот национален тим Сестина го одбележа со 18 поени и пет скокови, а одличен натпревар одигра и Ташовски, кој постигна 16 поени, додавајќи по седум скокови и асистенции.
Втората рунда од претквалификациите за пласман на Евробаскетот 2029 започнува на 27 август.