Македонските филмски фестивали ги чекаат парите, Агенцијата за филм бара трпение


Македонските филмски фестивали реагираат дека и по шест месеци од доделената поддршка на конкурсот од Агенцијата за филм немаат потпишано договори, ниту, пак, добиено финансиски средства за нивно одржување.

Агенцијата за филм има донесено одлуки и ја исплатила финансиската поддршка само за неколку фестивали и манифестации, додека останатите фестивали немаат официјален одговор и покрај многуте дописи, доставени адаптирани програми и буџети согласно ситуацијата со ковид-кризата на барање на Агенцијата уште во мај и јуни годинава, велат од фестивалите преку допис до медиумите.

„Најновата неофицијална информација е дека на в.д. директорот на Aгенцијата за филм му е истечен мандатот на почетокот на август и поради тоа не може да потпишува договори, иако официјално не е разрешен од таа функција“, нагласуваат македонските фестивали, барајќи од властите да назначат нов в.д. директор или да се продолжи мандатот на постоечкиот директор за да може да се потпишат договорите.

Тие предлагаат управниот одбор, на кој не му истекол мандатот, да го овласти директорот да може да потпишува договори и да врши исплата на средства, односно да не биде запрено функционирањето на Агенцијата за филм како институција и да се овозможи нормална реализација на веќе одобрените проекти.

„Недоделувањето на средствата за фестивалот ‘Македокс’ на само десетина денови пред фестивалот е резултат на административен пропуст, кој во изминатите седум месеци и покрај заложбите на директорот, администрацијата и членови на Управниот одбор на Агенцијата, дел од Управниот одбор одбива да го разгледа и да изнајде решение, се одолговлекува седум месеци и го става во ризик меѓународно најетаблираниот македонски фестивал за документарни филмови, кој е единствен фестивал од нашата земја  поддржан и од програмата на Европската Унија МЕДИА“, се додава во соопштението зад кое се потпишани Ехофестивал на планински филм, Киненова – МФФ, Македокс – Меѓународен фестивал на креативен документарен филм, Филозофски филмски фестивал, Синедејс – фестивал на европски филм, Џифони Македонија – филмски фестивал за млади, ОДА – Тетово филм фестивал, Флипбук – фестивал на европски авторски анимиран филм, Кратово 2020 – Етнолошки филмски фестивал, Галичник филм фестивал, Астерфест – Интернационален филмски фестивал и ЕТНОФФ – Меѓународен етнографски студентски филмски фестивал.

Oвие фестивали бараат од Владата, Министерството за култура и Агенцијата за филм официјален јавен став со дефинирање на јасна, транспарентна и сеопфатна стратегија за сите фестивали, со цел да продолжат успешно и сериозно со нивната работа.

-Состојбата со пандемијата која за жал во голема мера ги ограничи одржувањата на културните настани а со самото тоа и на Филмските фестивали доведе до негодување од страна на неколку организатори на фестивалите. Би сакале да ја известиме јавноста дека во неколку наврати правиме максимални напори да се задржи континуитетот на фестивалите како значајна културолошка гранка која ја промовира филмската уметност. Неизвесноста со развојот на епидемијата и воопшто дали овие фестивали ќе можат да ја реализираат програмата како и административниот застој што се случи заради вонредната состојба е причина за ова недоразбирање со овие организатори.

Имено, на 20. февруари оваа година беа донесени Одлуки за финансирање на филмски фестивали кои беа пријавени по Конкурсот за проекти од национален интерес –  организација на домашни филмски фестивали и манифестации во 2020 година. Донесената Одлука за финансирање на проекти за организација на домашни филмски фестивали и манифестации вклучува вкупно 22 проекти кои е потребно да сеодржат во тековната година.

Какошто сите знаеме поради пандемијата со КОВИД19 на 18 март оваа година беше прогласена вонредна состојбакоја траеше заклучно со 15 јуни. За време на вонредната состојба добивме известувања дека некои од фестивалите кои требаше да се одржат во текот на месец април и мај го одложуваат своето одржување поради настанатата ситуација.

Во периодот на вонредната состојба Агенцијата за филм се обрати до одобрените проекти, прво со известување  (испратено до организаторите на 07. мај, 2020 г.) дека поради вонредната состојба која не затекна сите Агенцијата за филм нема да биде во можност да склучува договори, а потоа во текот на месец април се обрати со барање на информација од страна на организаторите дали се во план да ги одржат фестивалите и покрај пандемијата, односно дали истите би ја адаптирале својата програма онлајн.

Одговори по нашите барања добивме од речиси сите фестивали, но поради неизвесноста на ситуацијата конкретен одговор со датуми на одржување и прецизен план за онлајн или класичен фестивал не добивме.

Во меѓувреме со речиси сите организатори на фестивали кои добија поддршка беше остварен состанок (на нивно барање истиот се одржа на 19.јуни.2020г.) каде беше изложен ставот на Агенцијата за филм дека сите фестивали кои имаат конкретна и остварлива програма со конкретни датуми и ревидирани / дефинирани буџети спорен новите услови да достават информации / документација до Агенцијата за филм како би се потпишале Договори.

По одржаниот состанок и испратеното известување до сите фестивали да достават програми и ревидирани буџети, сите доставија одговори, но повторно поради неизвесноста на ситуацијата не сите донесоа конкретни, дефинирани програми и буџети.

За да не се одолговлекува целата ситуација повеќе од потребното, Управниот Одбор на предлог на службите од Агенцијата за филм донесе Одлука за измена на износи на фестивалите кои имаа направено измена во претходно доставените програми (начин на одржување) и заклучок за потпишување на Договори со сите фестивали кои ќе се одржат заклучно со месец септември. Овој пресек е направен од причина што оние фестивали кои се одржуваат во догледно време имаат подефинирани програми и буџети врз основа на кои може да се склучи договор.

За останатите фестивали предвидено е да се одлучи во втората половина на месец август најдоцна до почетокот на месец септември – Ова значи дека фестивалите за кои не е донесена измена во одобрените износи и кои ќе се одржат од октомври до крајот на годината се уште имаат валидна одлука со одобрен првичен износ кој ќе претрпи измена доколку овие фестивали имаат измени во програмата и буџетите, сепак за нив се уште поради неизвесноста на ситуацијата со пандемијата не се склучуваат договори.

Агенцијата за филм секогаш на барања на било кои соработници дава информации во доменот на надлежностите кои ги има, во конкретниот случај на сите фестивали /  организатори се давани информации врз основа на она што во моментот се поседува како податок и транспарентноста е секогаш на прво место.

Треба да се има предвид дека оваа состојба не затече сите нас и дека многу од работите се одлучуваат во од, првенствено поради неизвесноста која се создава од надворешни фактори. Токму ова беше посочено на организаторите на фестивалите во повеќе наврати и самите тие потребно е да бидат свесни дека доколку не се створат услови некогаш можеби е подобро и да се откажат од своите проекти поради настанатата состојба, тоа не значи дека наредна година нема да добијат поддршка и сл. , но сите треба да сме одговорни и искрени најпрво пред себе дека јавните средства секогаш треба да се користат наменски, одговорно и квалитетно.

Целта на Агенцијата за филм е да се одржат сите фестивали, но не под квалитетот кој го носи оваа задача. Приложувањето на програма во која нема конкретни цели, мисија и замисла не може да биде предмет на доделување / исплаќање на јавни средства, се вели во ссопштението на Агенцијата за филм.