Македонските банкноти откриваат исклучителни вредности: Интервју со Катерина Христовска, раководителка на Музејот на НБ

Чудесноста на нашата приказна во суштина се должи на неограничената способност оваа средина да се прилагодува кон живеењето на раскрсница, и при тоа да создава навистина свои уникатни историски, културни и социјални траектории, вели Христовска


Одлуката на Народната банка во 1991 година - на која се надоврзува и дизајнот на постоечкото издание, да ги издава книжните и металните пари со дизајни инспирирани од македонското културно-историско и природно наследство, претставувала една исправна потрага по вредности што обединуваат: Катерина Христовска. Фото: Б. Грданоски

 

Македонската национална валута денарот, покрај тоа што секојдневно се користи како средство за плаќање, а поради неговата стабилност е сигурен чувар на стандардот и на заштедите, претставува и вистински промотор на културното и историското наследство на нашата земја. Уникатни по многу обележја, секоја од банкнотите носи своја приказна, која во себе ткае дел од историјата на ова парче земја. 

Токму овој аспект на нашата валута и неговите обележја – изворното културно наследство кое послужило како основа за дизајнирање на предните и задните страни на македонски банкноти е во фокусот на изложбата „В/редности и вредности“ која што веќе еден месец е отворена во Музејот на Народната банка.

Раководителката на Музејот на Народната банка, Катерина Христовска вели дека една од поспецифичните карактеристики на дизајнот на македонските пари, кај сите изданија, е застапеноста на дела од културното наследство на државата наспроти отсуството на историски личности на предната или задната страна, специфика која ја имаат многу малку европски држави.

„Постои една општа констатација кај истражувачите на овој вид на специфичен дизајн дека нашите пари со својот колорит, со својата динамичност се можеби едни од најубавите банкноти испечатени на европската територија“, посочува таа.

Во интервју за Независен, Христовска ни открива дел од чудесната приказна која ја носат македонските банкноти, но и за ретката можност на едно место да се видат оригиналните артефакти кои послужиле како инспирација за изработка на банкнотите и кои се изложени во Музејот на Народната банка.

 

Госпоѓо Христовска, на 7 јули во Народната банка беше отворена изложба посветена на приказната за македонскиот денар. Во што е специфичноста на оваа најнова поставка, што содржи и кои сѐ оригинални артефакти можат да ги видат посетителите? 

Во основа, таа е директна средба со вредни оригинални артефакти и музејски копии (онаму кадешто не беше можно тие да бидат изложени), а се користени како предлошка за дизајнирањето на тековното издание македонски банкноти, опишани и контекстуализирани во рамките на секоја банкнота одделно и прикажани во осум засебни наративи. Тетовската Менада, примерок од култните пајонски бронзи изработувани во железното време, златната античка чунеста обетка откриена во Беранци, охридската Изида, репродукција на цртежот на Олга Бенсон на невестинска носија од Прилепско Поле, би ги навела како дел од предметите што се изложени пред јавноста, по прв пат во ваков збир.
Влезот е слободен, секоја работен ден од 9 до 15 часот во просторот на Музејот на Народната банка, во нејзиното седиште.

Изложбата на некој начин е и приказна за културното наследство на Македонија. Што ни открива оваа чудесна приказна? 

Ни ги открива тридимензионалните манифестации на македонското минато не како историја на политички и воени конфликти, туку како историја на креативно создавање или искусување создадени културни и уметнички вредности кои, од своја страна, исто така повратно влијаеле врз формирањето автохтони комплоти од убедувања и верувања. И понатаму, тие се и показ за локалните вештини и знаења кои ги придвижувале овдешните општествени процеси кон некој, да речам, прогрес. Се чини дека чудесноста на нашата приказна во суштина се должи на неограничената способност оваа средина да се прилагодува кон живеењето на раскрсница, и при тоа да создава навистина свои уникатни историски, културни и социјални траектории, што биле и очигледно сѐ уште се, зачудувачки атрактивни и за околните национални историографии. Се разбира дека идните проучувања на ова наследство ќе ги уточнуваат сознанијата за тие комплексни процеси, но лично мислам дека било која дискусија за било кој аспект на споделеното минато на една територија има веродостојност, првенствено доколку е плод на тесноспецијализирано таложено знаење, уточнувано во релевантни општествени науки и низ автономни научни и образовни институции. Деконструкции на тоа знаење и на меморијата за него во функција на редефинирање на националната себеперцепција во сегашноста, е опасна игра. Неприфатлива, би рекла.

Христовска: Во суштина, насловот на изложбата е полемичен и нѐ поканува да размислуваме критички

Изложбата е насловена „В/редности и вредности“? Што се крие зад овој наслов, каква е пораката? 

Насловот означува и овозможува препознавање, но е комплементарен и конфронтирачки, во исто време. Има намера да ја укаже дихотомијата помеѓу номиналниот, мерлив аспект на вредностите и нивната инхерентна немерливост, посебно кога зборуваме за фундаменталните вредности. В/редувањето, односно креирањето номинален систем со цел да се олеснува преговарањето и размената во рамките на една политичка заедница, и конвертибилно надвор од неа, е сложен и далеку од идеален процес, по себе. Уште помалку идеално е што општествената динамика на односи понекогаш ја изместува хиерархијата на вреднување, на начин на кој и единиците за мерење вредност стануваат многу високо рангирана фундаментална вредност.
Во суштина, тоа е полемичен наслов и нѐ поканува да размислуваме критички.

Осум банкноти (во номинален износ од десет, 50, 100, 200, 500, 1.000, 2.000 и од 5.000 денари – последнава не е веќе во оптек) и секоја од нив открива посебна приказна, за светлината, за домот…. Која е специфичната приказна за секоја од банкнотите? 

Разнородноста на изложените предмети ја прави изложбата доста необична по својот вид, односно таа е доста нетипичен начин на збирно претставување археолошки, уметнички, етнолошки и архитектонски вредности од различни историски епохи, а произлезен во суштина, од претходно направените избори од страна на самите дизајнери на парите, но организирани во одделни концептуални целини, кураторски истолкувани како карактеристичности на нашето поднебје.
Банкнотата од 50 денари е обединета околу највредната оставина на византиската Македонија и ги прикажува фрескосликарските и архитектонско-декоративните ремек-дела на XII век, банкнотата од 1000 денари ги отсликува препознатливите културни вредности на македонскиот Ерусалим, банкнотата од 500 денари е приказна за златото и опиумот и нивното историско и археолошко присуство во Македонија, сега веќе непостоечката банкнота од 5000 денари е посветена на културното наследство коешто е поврзано со виното, да споменам конкретно, неколку од претставените наративи.

 

На банкнотите провејуваат артефакти од целата досегашна историја на Македонија – кои се според вас најинтригантните и најпечатливите? 

Па, нема објективен одговор во суперлатив, но да парирам на вашето прашање, тетовската Менада – бронзената фигурина најверојатно изработена на крајот од VI век пр. н. е., можеби би била мојот личен избор по однос на интригантноста. Оваа необична заводлива дама облечена во кожа од пантер била митолошка придружничка на богот Дионис, изработена е од бронза и претставува случајно откритие на приватен имот во Тетово во 1933 година. Најверојатно била украс од горниот дел на доцноархајски бронзен кратер, односно сад за чување и мешање вино и вода.
Додека, пак, стоечката, скоро бестелесно елонгирана фигура на Архангел Гаврил, фреско-живописан во синилото на конхата на апсидата на црква св. Ѓорѓи во с. Курбиново во Преспа во 1191 година, според мене, би бил највпечатливиот приказ на изложбата. Иако е насликан од страна на локален мајстор, во период кога македонската територија била значајна и политички стабилна провинција на моќната Византиска држава, без никаква дилема, тој е на рамниште со врвната уметност создавана во истиот тој период во Византија, a можеби и во поширокиот европски XII век.

 

Македонските пари се сведоштво на многу цивилизации кои што опстојувале и се менувале на овие простори и на испреплетувањето и на влијанието на една врз друга. Дали од нив може да извлечеме некоја поука, или порака за денешните и за идните генерации на овие простори?  

Извлекувањето поуки е важно, колку што е важно и што со нив откако ќе ги извлечеме. Тие многу тешко се претворуваат во кохерентен збир од споделени вредности кои потоа би ги отелотворувале во општеството, но со верба што е искрена и со посветеност што е цврста.

 

Посетителите на изложбата уникатна имаат можност на едно место да видат непроценливи артефакти – мермерното торзо на божицата Изида, бистата на Филоксен од Стибера, Ангелот од Курбиново, монета кована од страна на Јустин Втори, златната погребна маска од Горна Порта, Охрид, иконата Богородица Епискепсис… Дали беше тешко да се обезбедат?  

Постоеја ограничувачки околности коишто ги надминувавме во соработка со моите колеги од предметните музеи. Би сакала јавно да им се заблагодарам за нивната пресретливост и поддршка, бидејќи без нив, изложбата немаше да е можно да се реализира. И на Управата за заштита на културното наследство, секако, како и на Министерството за култура.

Нашата институција води сериозна грижа околу спроведувањето безбедносни стандарди со кои се оневозможува и лесно се препознава фалсификувањето на банкнотите и металните пари, вели Христовска

Карактеристика на македонските банкноти е што на нив нема политички и современи историски личности. Од денешен аспект, дали можеме да кажеме дека дизајнот на македонските банкноти го издржа тестот на времето, но и на високите естетски и заштитни стандарди карактеристични за банкнотите? 

Па, мислам да. Нашите метални пари се со непроменет дизајн од нивното воведување во 1992 до денес, додека пак, тековните книжни пари, исто така го имаат истиот дизајн од нивното прво пуштање во циркулација во 1996 година. Се чини дека и иницијалната одлука на Народната банка во 1991 година – на која се надоврзува и дизајнот на постоечкото издание, да ги издава книжните и металните пари со дизајни инспирирани од македонското културно-историско и природно наследство, претставувала една исправна потрага по вредности што обединуваат.
Освен тоа, нашата институција води сериозна грижа околу спроведувањето безбедносни стандарди со кои се оневозможува и лесно се препознава фалсификувањето на банкнотите и металните пари. Во продолжение на пуштањето во оптек полимерни банкноти од 10 и 50 денари, кај повисоките деноминации во континуитет се воведуваат нови заштитни елементи за кои и јавноста е редовно информирана.

 

Изложбата се организира во знак на одбележување на 30 години од издавањето на македонскиот денар, како и 20 години од отворањето на постојната поставка на Музејот на НБ.  Што до сега е изложено во музејот и што содржи основната поставка?

Во овој момент, постојната поставка и го отстапи просторот на оваа времена изложба, но по нејзиното завршување, јавноста повторно ќе има можност да ја посетува  постојаната поставка. Таа е системски хронолошки приказ на различни аспекти од македонското монетарно минато низ призмата на различни парични единици што биле произведувани или биле во оптек на територијата на современата македонска држава, почнувајќи од VI век пр.н.е, па сѐ до денес. Некои од нив, заради својата реткост и ексклузивност се исклучително културно наследство коешто посетелите не би имале можност да го видат на друго место, да се изразам промотивно, а со цел да соопштам дека од јануари следната година, тие повторно ќе ѝ бидат достапни на јавноста. Дотогаш, ги поканувам да ја посетат изложбата за исклучителните вредности прикажани на македонските банкноти.