Македонски Телеком со пораст на приходите од продажба во третиот квартал
Македонски Телеком ги соопшти финансиските резултати во првите девет месеци од 2024 година. Приходите од продажбата остануваат во пораст за 1,4 проценти споредено со истиот период минатата година, како и оперативните приходи коишто пораснаа за 0,9 проценти. Нето добивката е благо намалена за 1 процент, како и оперативната добивка пред камати, оданочување и амортизација (EBIDTA) за 2,4 проценти. Вкупните капитални инвестиции (CAPEX) на крајот од првите девет месеци од 2024 година изнесуваат 1,114 милиони денари.
Македонски Телеком повторно ја освои престижната Ookla® награда за најдобра мрежа. Резултатите за првата половина на годината покажаа најголема брзина на мобилната и на фиксната мрежа како и најдобар квалитет на мобилната мрежа.
Од компанијата посочуваат дека остануваат лидери во покриеност со оптика и денес има 339 илјади пристапи до оптика, што е за 12 проценти повеќе споредено со истиот период од претходната година. 5G мрежата продолжува да се шири и е достапна за 93 проценти од населението во Македонија со гигабитни брзини во речиси сите градови.
Бројот на корисници на широкопојасен интернет е зголемен за 3,8 проценти и изнесува 216,6 илјади, а вкупниот број на интернет пристапи порасна за 3,7 проценти. Во фиксната телефонија уделот на пазарот е 62,5 проценти и 233 илјади корисници. Во мобилниот сегмент, уделот на пазарот е 47,9 проценти со стабилна база од 1,3 милиони корисници.
Во третиот квартал се одбележа и една година од Magenta Moments, прва дигитална програма за наградување и поволности за корисниците којашто достигна 230 илјади корисници.
Во однос на ТВ пазарот потврдена е лидерската позиција со удел од 35,3 проценти од вкупниот ТВ пазар. На крајот на првите девет месеци од годината бројот на ТВ корисници се зголеми за 4,1 проценти, со што базата на корисници достигна 155,4 илјади.